Не постои друг историски процес кој оставил такви далекусежни последици врз судбината на балканските народи како периодот на турското освојување и полумилениумското владеење со овие простори. Османлиските освојувачи како незапирлива лавина една по една ги збришувале некогаш моќните средновековни балкански држави и воспоставиле нов поредок во овој дел од светот. Со тоа над Балканскиот Полуостров се надвиснал периодот на темната турска ноќ олицетворена во еден нов феудален систем, зацврстена со каноните на шеријатот, поставена врз огромната ударна моќ на османлиската армија а пред се со наложувањето на една многу поинаква култура, институции и инородната за балканските народи вера, исламот.

 

За жал не постојат повеќе пишувани податоци кои се однесуваат директно за овој крај и тоа за периодот од првите векови од отоманското владеење со овие краеви. Сепак од султанските наредби за околните градови и регионот и со внимателна историска реконструкција на настаните можеме да утврдиме дека животот на населението од ова територија бил доста тежок. Од материјалните остатоци со сигурност е утврдено дека рударството на Осоговските планини замрело а истотака исчезнале и населбите кои се наоѓале покрај патиштата. Населението се повлекло повисоко во планините каде пред се се занимавало со сточарство и делумно со земјоделство, бидејќи суровите планински услови а и бонитетот на земјиштето не дозволувале оваа примарна гранка да се развие во задоволителна мера.

 

Во административен поглед овој крај бил во составот на Ќустендилскиот санџак, додека во црковен поглед бил во составот на Охридската архиепископија, а потоа под јурисдикција на Пеќската патријаршија од нејзиното обновување во 1557 година па се до укинувањето во 1766 година.

 

Каменица како населба се споменува во еден од турските пописни дефтери на Отоманската држава а кој се однесува на периодот од 1570-1572 година. Во него се наведува дека Каменица имала 80 христијански семејства и 59 неженети. Во селото имало 5 воденици и 10 валевици за валање на волнени производи со кои тогаш се служело месното население.

 

Поделбата на Македонија на санџаци

 

Сл. 3 Поделбата на Македонија на санџаци од XV до XVII век

 

Немаме многу податоци дали била развиена дејноста на препишување црковни книги но затоа со сигурност се знае дека првиот македонски печатар е од овие краеви. Станува збор за Јаков од Камена Река. Потекнувал од свештеничко семејство. Во обновената печатница на Божидар Вуковиќ отпечатил часослов на црковнословенски јазик (1566) украсен со илустрации, знаменца и вињети. Еден добро зачуван примерок има и НУБ ,, Климент Охридски,, во Скопје.7

 

Сл. 4 Часословот на Јаков од Камена Река

 

Во записот тој за себе вели: “ По заповед и по провидение на великиот бог наш Исус Христос се потрудив за овие печатени (јас) недостојниот и најмалиот меѓу луѓето Јаков, бидејќи се грижев од многу време и години за ова работа по светите книги. Излегов од Македонија, татковината моја, и дојдов во западниве земји близу до стариот Рим, во град Венеција, и таму ги затеков старите калапи на војводата Божидар кај неговиот син Винченцо од многу старо време се печателе и почнав да ги печатам овие мали книги: часословите, сите годишни собори од месец септември до месец август, тропарите, катадневните кондаци, вечерните псалми, утренија и сите часови по ред, и светиот убрус, и кириловата паскалија, и параклисот богородичен, и целата катависија, и словата за сите години, и песните Мојсееви, сето ова го составив за секаква потреба. Поради ова го молам господа бога да ми помогне на ова работа што почнав да ја пишувам.

 

А јас, Јаков, родум и со татковината бев во полите на ОсоговскаПланина, близу Ќустендил од местото Камена Река, од поповски и виден род во тие места уште од стари времиња. И ако нешто згрешив со раката или со јазикот, грубо или неисправно, ве молам сите вас и ви коленичам да ми простате...

 

Почнаа да се печатат овие книги во годината седум илјади и седумстотини и четири (1566) мај петнаесетти, а завршија на 30 август во многу особениот град Венеција.”8

 

Во првите налети Турците воделе сметка да не го предизвикуваат локалното население, бидејќи им требала сигурна позадина дури ги воделе нивните освојувачки кампањи низ Балканот. Меѓутоа по целосното загосподарување на Балканскиот полуостров во времето на Сулејман Величенствениот дошла до полн израз суровоста на отоманското владеење. Периодот на ЏВИИИ век кога дошло до криза во Османлиската империја во сите сегменти, дошло и до зголемување на даноците, разни форми на репресалии и пљачкосувањата на разни башибозучки орди што допринело до тоа да се појават пасивни и активни форми на отпор. Активниот отпор бил изразен преку ајдутството. До ден денешен во атарот на селото Саса опстојува еден планински извор познат како “ Ајдучка чешма” нем сведок на едно поминато драматично херојско време.     Особено силни репресалии населението од овие краишта доживеало по крвавиот крај на Разловечкото востание (1876), а посебно по Руско-турското примирје (3 март 1878 год. Сан Сантефано) и престанувањето на двомесечната слобода на Пијанец. Пред страв од турската одмазда еден дел од населението се повлекло преку границата и се населиле во Ќустендил, Бугарија.

 

Кај Владимир Караманов наоѓаме податоци дека од овие краеви во Бугарија се префрлиле:

 

  1. Дулица 2 семејства со околу 12 души
  2. Моштица 1 семејство со 4 души
  3. Косевица 1 семејство со околу 7 души
  4. Каменица 1 семејство со околу 7 души

 

Во најголем број овие несреќни луѓе заедно со маса други бегалци од Малешевијата и Пијанец во Ќустендил се населиле во населбите “ Велбожд” и “ Тополница”. Доселените од овие краеви работеле како наемни работници надничари потоа занаетчии итн. Еден дел од овие работници со својата трудољубивост, чесност и бистрина предизвикувале восхит кај тамошното население. За жал оние кои останале на своите родни огништа во вистинска смисла на зборот го почуствувале турскиот гнев.

 

Некои Турци од село Калиманци, Кочанско отишле во с. Дулица, го убиле Петар Златков и му го зеле житото од амбарот. По неколку дена во истото село дошол Шабан ага од Кочани со група Турци и отседнал кај семејството Дамјанови кои имале слепо 17 годишно девојче. Безмилосниот ага немал ни срам ниту грев, па посегнал по девојчето. Нејзе ја силувал а татко и го убил. По десет дена истиот силеџија се вратил во селото со 135 души придружници и ги убиле во нивниот дом Стојко и жена му. Селанецот Стојан Петров го врзале за гредите во куќата, обесен со главата надолу и ја запалиле куќата. Странските патеписци кои поминувале низ овие краеви ни оставиле многубројни вакви потресни сведоштва.

 

По формирањето на МРО (23 октомври стар стил, 4 ноември 1893 година нов стил) во Солун и ширењето на нејзините ќелијни јадра населението од овие краеви го продолжиле духот на слободарските традиции.

 

Имено во 1896 година, како задграничен претставник на организацијата во Софија, Гоце Делчев го организирал кочанскиот канал кој поминувал преку подрачјето на денешна Македонска Каменица. Овој канал поминувал преку клисурите на селото Саџеник за Саса, а од таму за Кочани. Главниот пункт бил во селото Саса а најпознат курир дедо Ампо од Саравското маало. Во 1901 и 1902 година во Саса имало складиштен а Внатрешната организација. Во ова село престојувале четите на Аргир Манасиев и Маказлиев. Во ноември во истото ова село отседнала четата која била позната како Кочанска чета. Делчев во таа чета го испратил и Ефрем Георгиев со неговите четници, а подоцна таму отседнувал и војводата Сава Михајлов со својата чета.

 

Иако во времето на Илинденското востание на ова подрачје немало директни судири помеѓу востаничките чети и турскиот аскер, по востанието имало судири помеѓу четите кои по крвавиот крај на востанието се враќале назад кон Бугарија. Од друга страна турската власт знаејќи за овие патишта постојано ги контролирала и држела мобилни единици на теренот. Така при една проверка во месец јули 1903 година, турските војници во близината на селото Саса откриле еден склад со пушки, муниција и 360 кг динамит. Тоа не било случајно бидејќи преку каналот Саженик- Саса, Павел Шатев пренесувал експлозив за Солунските атентатори. Последните количини динамит успешно биле пренесени по релацијата Ќустендил- Кочани-Велес-Солун. Во Кочани го прифаќал Тодор Александров.9

 

Откривањето на ова голема скривница со оружје им била добредојдена на турските власти да преземат различни

 

Сл. 5 Клисурите кон селото Саженик

 

мерки на репресија врз населнието. Во една таква акција учествувале лично мудурот на Царево Село, Хабиб ага и офицерот Мехмед ага со полициска придружба за проверка на овие села. Голем број од селаните бегале во планините или преку границата во Бугарија. Но уште поголем бил бројот на оние кои биле изложени на терор и измачувања. Покрај другите од таквите измачувања починал Коце Стојков од село Цера. По завршувањето на востанието имало неколку судири помеѓу четите кои се повлекувале кон Бугарија од востаничките реони од западна Македонија и турските единици.

 

Најжестокиот судир се одиграл помеѓу четата на војводата Христо Чернопеев со турскиот аскер во атарот на селата Косевица и Костин Дол.

 

Сл. 6 Четата на војводата Христо Чернопеев

 

Овој судир бил одличен повод за масовно насилство врз населението од овие сиромашни краеви. Нервозни што и покрај сите напори не успеале да ја уништат четата, турските војници сиот свој бес и омраза го истуриле врз мирното население. Така во с. Косевица влегле во куќата на Здравко Димитров кој имал 7 члена во семејството, му ја ограбиле куќата и му ги силувале двете ќерки и двете снаи. Биле ограбени и куќите на Ѓорѓи Цветков и Насе Петров а на Арсо Симонов кој имал 8 члено семејство, турските војници му одзеле 30 овци и 20 говеда и му ја силувале жената. На Стоица Миленов му биле одземени 10 овци и целата покуќнина. Во Костин Дол на Коста Јанчев со 7 члено семејство му зеле 16 овци, 2 говеда и целата покуќнина. На Сокол Спасов, Велин Костадинов и Ѓорѓи Цветков им зеле по 20 овци, 10 говеда, 3 кошари пчели, по 10 оки масло итн. Во Луковица на Начо Димитров со 7 члено семејство наполно му го ограбиле имотот.

 

             Насилниците му го напаѓале највредното на сиромашното македонско население. Им го ограбувале тешко стекнатиот имот во тие сиромашни ридско-планински села, им го земале добитокот кој им служел за обработка на земјата, за пренесување товар, исхрана итн. Не помала болка за семејствата а особено за женскиот свет бил процесот на насилно потурчување. Така во предвечерието на Балканските војни од с. Цера била грабната Петрија Велинова и потурчена во село Ѕвегор, Царево Село (ден. Делчево). Од истото село била потурчена и Вана Стаменкова. Исмаил ага од Кочани ја грабнал и ја потурчил Ѓурѓена Захариева од Саса. Имало потурчени жени и од Костин Дол, Моштица и од Тодоровци.

 

             Последните години од турското владеење во Македонија се карактеризираат со криза во сите сегменти на економскиот и општествено-економскиот живот. Насетувајќи го својот неминовен крај, Османлиите преземале засилени мерки за утврдување на граничната линија кон Бугарија. Така во Каменица, Саса, Цера, Косевица и Тодоровци биле отворени воено полициски станици. Во село Косевица била изградена касарна со 5 одделенија регуларна турска војска. Непосредно пред Балканските војни поголем број граѓани од овие области биле жртви на самоволијата на полицијата, војската и башибозуците.

 

Од Цера, Гоце Ѓергински и син му Јованчо биле убиени во месноста В'чкова маала. Неговиот помал син бил убиен во месноста Крива нива. Ампо Овчаров од Луковица бил мачен а потоа обесен во Пехчевскиот затвор. Од Дулица, Ѓошо Јуруков со уште двајца селани од маалата Црвениките во присуство на семејството и насобраните селани биле избодени и заклани од турските заптии. Од Турци разбојници во Саса биле убиени Гоше Каменаров и син му Станоја. Од Моштица на Моне Захариев, разбојниците му ги скршиле рацете а потоа го боделе со дрвено шило.

 

18 октомври 1912 година, со објавувањето на Војна од страна на Србија, Грција и Бугарија на Турција започнала Првата балканска војна.

 

Македонското население со големо воодоошевување масовно се вклучувало во редовите на балканските армии, сметајќи дека е дојден часот за ослободување од пет и пол вековното турско ропство и формирање на своја независна држава. Сигурно дека ентузијазмот ни оддалеку не би бил толку голем кога би ги знаеле вистинските намери и цели на здружената балканска воена алијанса против отоманските поробувачи.

 

Овдека се одиграл и еден немил настан кој бил во потполност спротивен со целите и етиката на христијанската вера, силата на простувањето и заедничкиот соживот. Дел од населението од ова територија со сета жестина се нафрлил врз турското население сакајќи да им вратат мило за драго за сите нанесени болки, страдања и понижување во изминатиот временски период. Во овие крвави пирови особено предничел Крив Манчо од с. Дулица кој организирал невиден колеж над турското население од соседното село Калиманци, притоа не жалејќи ги ниту малите деца.

 

Христијанските сојузници во оваа војна се покажале спрема Турците како варвари и дивјаци. Тие веднаш ги заборавиле високите и благородни идеали поради кои тргнале во војна и се претвориле во обични пљачкаџии и разбојници. Можеби за 100 години турската управа во Македонија не им направила на христијаните толку неправди колку што христијанските завојувачи им направиле на Турците за еден месец.10

 

Во I-та Балканска војна, Каменичкиот крај влегол во составот на “Македонското воено губернаторство” на чие чело се наоѓал бугарскиот генерал Иван В'лков. Од друга страна ова губернаторство било поделено на окрузи, а тие на околии и општини. Каменица и околните населени места влегле во составот на Царевоселската околија во рамките на Штипскиот округ. Спротивно на меѓународното воено право и усвоените конвенции за окупираните подрачја, окупаторските армии започнале со регрутација на локалното население.

 

Малку биле овие нови несреќи и страдања кога на 29 јуни 1913 година започнала II-та Балканска војна, кога Бугарија започнала ненадејна воена акција против своите довчерашни сојузници Србија и Грција за поделба на Македонија.

 

Населението од овој крај сакало или не сакало било директно ангажирано на фронтот. Од него се земала храна за војниците, се барало згрижување на ранетите, му се уништувале посевите итн. За време на Српско-бугарската војна пљачката била неверојатна. Каде минала војската не оставила ништо: народот останал без никаде ништо. Во тој поглед особено се истакнале браќата Црногорци. Нивните постапки најдобро можат да се објаснат со стиховите на Његош кои гласат: “ Па опусти земљу свуколику, ка скакавац што земљу опусти11

 

Највеќе настрадало селото Цера, кадешто населението буквално немало веќе што да јаде.

 

Една од најкрвавите битки во Втората балканска војна се одиграла во месноста Говедар кој се наоѓа во атарот на селата Цера, Дулица и денешната населба Македонска Каменица. Од едната страна се наоѓале српските и црногорските војници, а од другата бугарските. После жестоката артилериска канонада биле преземани силни јуриши со бајонети кои преоѓале во безмилосни борби гради во гради. По тие крвави борби со бајонетите, српските и црногорските војници се повлекувале преку реката Брегалница која била многу надојдена од обилните врнежи, па затоа биле приморани да ја преминуваат реката таму кадешто коритото било најтесно. За полесно да ја преминат реката се фаќале под мишки и во низа правејќи човечки синџири.

 

Во повеќето случаи збеснатата матна вода ги кинела низите и војниците масовно се давеле во неа. Коските на дел од загинатите војници биле соберени и денеска се чуваат во спомен костурницата во подрумот на училишната зграда во селото долна Цера.

 

Сл. 7 Поглед на училишната зграда во село долна Цера

 

       Војната била безмилосна. За тоа како едната страна се однесувала кон другата, а посебно каков бил нивниот однос кон месното население, доволно податоци има во извештајот на Карнегиевата комисија§ за Балканските војни.

 

Сл. 8 Спомен костурницата на загинатите војници во Втората Балканска војна во селото долна Цера

 

Меѓутоа особено потресни сведоштва за тој безмилосен крвав конфликт оставил бугарскиот студент Људмил Спасов кој со бугарската војска учествувал во борбите на Калиманското поле во Втората балканска војна. Подоцнежниот академик со сета горчина и презир зборувал за мрачното демонско лице на војната и сите ужаси што ги претрпеле војниците од обете спротиставени страни, а кои морале со ѕверска омраза да јуришаат еден кон друг и безмилосно да се убиваат само да се задоволат политичко-воените интереси на нивните тогашни елити. Според официјалните податоци во ова Брегалничка битка против Србија, Бугарија ја ангажирала 4- та армија ( 7 рилска дивизија, 9 туџанска дивизија, 3 дивизија и 2-та тракиска дивизија.). Србија ги ангажирала 1 и 3-та армија (175 000 војници, 62 артилериски батерии и 34 коњанички ескадрони). Битката започнала ноќта на 30 јуни а завршила на 31 јули 1913 година. Српската војска имала 16 200 загинати и ранети, а бугарската околу 25 000 војници.12

 

Војната завршила со склучувањето на Букурешкиот мировен договор од 10 август 1913 година. Овие области по распарчувањето на етногеографското ткиво на Македонија влегле во составот на Србија и како такви останале се до вклучувањето на Бугарија во Првата светска војна од 14 октомври 1915 година. Оваа територија влегла во составот на Штипскиот кој подоцна бил преименуван во Брегалнички округ.

 

По завршувањето на Втората балканска војна иако тука била воспоставена српска власт, подрачјето воопшто не било мирно. Во овој пограничен реон а и во другите делови на Македонија дејствувале четите на Тодор Александров и Александар Протогеров кои преземале најразлични акции против институциите на српската власт. Не можејќи да им се одмаздат на четниците, српската војска и жандармерија сиот бес го истурале врз обичниот народ. Тоа посебно се чувствувало во ова погранично подрачје.

 

Српските власти се обиделе да организираат и училишна активност, меѓутоа тоа одело многу тешко па речиси и невозможно. Една од активностите на четите на Организацијата била да се спречува регрутацијата на македонското население за служење во српската војска, а за тие што веќе биле во редовите на таа војска да се организира бегство. За реализација на таа задача тие формирале цела мрежа со пунктови за емиграција во Бугарија. Еден таков пункт бил отворен во селото Саса.

 

Ваквата непослушност и отпор против српската окупација предизвикале мерки на терор врз месното население.

 

Жандарите масакрирале 30 души фатени бегалци на границата и 3 присилно мобилизирани младинци од Луковица и ги закопале во долниот дел на Каменица во месноста “Јуруците”. Нивната гробница била откриена во 1986 година од градежните работници кои на тоа место копале темели за станбени згради. Во втората половина на август 1914 година, во селата од каменичкото подрачје, од српските потерџии биле тепани, затворени и убиени повеќе од 200 лица, помеѓу кои 122 дезертери од други места. Во тој поход низ Осоговските планини војниците и жандарите силувале повеќе жени и девојки.

 

6. А.Атанасовски Македонија во XIV век, 258-259

 

7. Македонска енциклопедија, книга 1, Скопје 2009, стр. 655

 

8. Љ.Лапе Одбрани текстови... 229

 

9. Списание Историја год. XXXIX Скопје 2003 број 1-2 стр. 51

 

10. Љубен Лапе “Одбрани текстови за историјата на македонскиот народ” ИИ дел, Скопје 1975, стр. 821

 

11. Ибид стр.821

 

 12. Македонска енциклопедија, книга 1... стр 232

 

*. Raport of the international commission to Inljuire into the Causes ,and Conduct of THE BALKAN WARS, WASHINGTON D.C 1914. Членови на Карнегиевата комисија која ги испитувала злосторствата од Балканските војни биле: д-р Јозеф Редлих (Австрија), барон Д'Естурел де Константин и Жјустен Годар (Франција), д-р Волтер Шјуклинг (Германија), Франсис Ј. Хрст и д-р Брејлфорд Х.Н (Велика Британија), проф. Павел Милјуков (Русија) и д-р Самуел Т. Детен (САД)