На 28 јули 1914 година со нападот на Австро-Унгарија врз Србија започнала Првата Светска војна. Во почетокот српската војска имала значителни успеси успевајќи во повеќе наврати да ја отфрли огромната австро-унгарска армија во решавачките битки на планината Цер и реката Колубара. Централните сили сакајќи по секоја цена да го ликвидираат Балканскиот фронт успеале да ја придобијат Бугарија на своја страна ветувајќи и дека по завршувањето на војната ќе и ја отстапат цела Македонија и Србија од реката Мачва. Бугарскиот цар Фердинанд Саксокобуршки раководејќи се од големобугарските цели ја вовлекол Бугарија во војната.

 

На 14 октомври 1915 година бугарскиот кнез Фердинанд со специјален манифест и објавил војна на Србија по што уште истата ноќ бугарските армии тргнале во офанзива. Во составот на бугарската армија биле вклучени голем број Македонци од многубројната македонска емиграција во Бугарија. Од нив била формирана познатата 11-та македонска дивизија под команда на мајорот Петар Дрвингов од Кукуш. Покрај тоа голем број Македонци биле регрутирани во диверзантските чети на Тодор Александров.

 

Територијата на општината Македонска Каменица била окупирана од II- та бугарска армија со која командувал генерал Георги Тодоров. Оваа силна формација (90 000) војници добила задача да ја заземе цела Македонија, да го заштити беломорскиот брег и границата кон Грција. Четвртата колона од оваа армија уште првиот ден успеала да ги заземе овие краеви. Веднаш по окупацијата се пристапило кон воспоставување воено-административна власт. Ништо подобри кон македонското население не биле ни бугарските војници. Биле вршени големи реквизиции на храна и добиток без да им се плати на сопствениците, а машкото население било регрутирано во бугарската армија и носено да се бори на Солунскиот или Македонскиот фронт каде гинело за туѓи интереси. Сето тоа довело до масовно дезертирање на војниците од фронтовата линија но и до бегање по разни места за да се одбегне регрутацијата. За да го заплаши населението и за да ја одржи дисциплината на потребното ниво, бугарската воена команда формирала “преки воени судови” кои по кратка постапка ги стрелале фатените воени дезертери.

 

По пробивот на Солунскиот фронт и претрпената воена катастрофа Бугарија повеќе немала никаков избор. На 25 септември 1918 година Министерскиот совет донел одлука да се бара примирје од сојузниците. Истиот ден во Солун пристигнала бугарската воена делегација предводена од ресенчанецот Андреј Љапчев, тогашниот воен министер на Бугарија. Делегацијата била примена од францускиот генерал Франш Д' епре, главниот командант на сојузничките сили на Солунскиот фронт.

 

Преговорите биле водени во Солун и на 29 септември 1918 година било потпишано Солунското примирје за прекратување на војната кое во суштина претставувало капитулирање на Бугарија.

 

Каменица во периодот од 1919 до 1944 година

 

По завршувањето на Првата светска војна Вардарскиот дел на Македонија влегол во границите на новоформираната држава Кралство на Србите, Хрватите и Словенците. Во ова државна творба, во која влегле пет формирани нации но, која според нејзиното уставно устројство била декларирана како еднонационална, односно дека во неа живее еден троимен народ српско-хрватско-словенечкиот, а во која не било признаено ниту споменато постоењето на другите, меѓу кои и на македонскиот народ, поголемиот дел од власта бил во рацете на српските политичко-воени-полициски власти коишто ја спроведувале големосрпската политика на српската династија Караѓорѓевиќ и на српските граѓански партии.13

 

Веднаш по завршувањето на војната во регионот на Источниот дел на Македонија новата власт вршела масовни тероризирања на месното население. Биле вршени масовни апсења и претепувања на лицата кои во време на војната помеѓу 1915 до 1918 се бореле на страната на бугарската војска. Властите тие лица ги нарекувале “бугарски комити” и со нив се однесувала многу сурово.

 

За да ја обезбедат граничната линија, српските власти започнале со утврдување на границата и изградба на голем број караули.

 

Погранична Караула

 

Сл. 9 Остатоци од српска погранична караула во близина на врвот Руен

 

До денешен ден се зачувани остатоците од некои од тие воени објекти кои биле градени со бесплатна работна рака од тамошното население. Границата била обезбедувана на тој начин што долж граничната линија била поставувана жица на која биле поставувани ѕвончиња или кучиња кои требало да алармираат ако некој илегално би се обидел да ја премине границата. Во долините на граничната линија биле копани длабоки јами и ровови во кои биле набивани заострени колци на кои требало да се набодат илегалните минувачи.

 

Веднаш зад воените објекти следувале жандармериските станици. Такви испостави биле отворени во Костин Дол, Косевица, Каменица и Саса со испостави во Цера и Дулица. Жандармериската станица во Каменица била сместена во објектот во кој денес се наоѓа современата полициска станица и во својот состав имала 4 жандари, писар и посебен службеник кој ги водел деловодните книги. Караулите и станиците имале голем број на војници и жандари, но и покрај тоа за што поуспешно да го спроведуваат големосрпскиот хегемонизам и да го спречат навлегувањето на чети од Бугарија, српските власти организирале посебни ударни чети од месното население. Ваквите контрачети биле меѓу народот биле познати како “црни чети”. За таква намена служеле четите на Ѓорѓи Димитров од Тодоровци и Јанко Помако од Цера.

 

Стравот на српските власти доаѓал од фактот што народот од овој крај одлично се сеќавал на т.нр “прво” српско 1913-1915 и на разни начини се борел против истата. Освен тоа постоела реална опасност за возобновување на формите на отпор против српската власт во тој момент од страна на Македонците кои веќе биле пребегани во Бугарија но и до активирање на незадоволството на локалното македонско население. Во тие рамки, српските власти гледале голема опасност и од дејствувањето на четите на ВМРО на Тодор Александров и Александар Протогеров, кои поради отпорот на народот против србизацијата на овој регион, нашле погодна почва за своите четнички вооружени акции.14

 

Сепак и покрај сите преземени мерки на обезбедување не можело да се спречи навлегувањето на” автономистичките” чети на Тодор Александров.

 

Уште во пролетта 1920 година Тодор Александров и Александар Протогеров навлегле со вооружени чети во Вардарскиот дел на Македонија и тоа најпрво во Осоговските планини. Во првите години четите кои преминувале во Македонија биле составени од 20 до 30 комити. Во март 1924 година со решение на Тодор Александров нивниот број се намалил на дванаесетина, заради поефикасно маневрирање и опасноста полесно да бидат откриени од државните воени и полициски сили, а особено да не се изложувало населението на опасност и да не се давале непотребни жртви.15

 

Четата на Тодор Александров

 

Сл. 10 Четата на Тодор Александров

 

Во близината на селото Цера во месноста Милев Камен била организирана стражарница, од која четниците на Александров го следеле движењето на српските воено-полициски сили на тој дел од теренот. Стражарницата била изградена во недостапно место, добро камуфлирана и одлично опремена со оружје за одбрана.

 

Покрај тоа во периодот од 1920 до 1923 година во таа месност биле изградени и две мали куќички во кои престојувал Тодор Александров и неговите војводи. Такви две имало во маалото Кукли. За истата цел биле користени куќите на Наум Митев и Цена Христова од Бизиково, мало селце сместено во подрачјето на пространа дабова шума во ридест стрмен терен испресечен со длабоки долини и високи карпи. Централната скривница за Организацијата ја изградиле селаните од Дулица и истата се наоѓала во месноста Пашков Камен. Од селото Дулица, Александров назначил и двајца војводи од локалното население. Тоа биле Димитар Медарот и Харалампие Златанов алијас “ Шарен Ампо”. Последните биле задолжени да ги рашират краците на организацијата и да формираат одреди на селска милиција.

 

Во март 1921 година, поради се поголемото навлегување на комитски чети, повторно се актуелизирало прашањето за заштитеноста на границата кон Бугарија. Началникот на Брегалничкиот округ, Радивој Јовановиќ, по извршената инспекција на границата, заклучил дека огромни простори кон бугарската граница биле незаштитени, преку кои можело да помине не само комитска чета тука како што истакнал началникот цела дивизија. Тој понатаму вели дека бил мал бројот на пограничните стражари а и на жандарите. Од тие причини тој се залагал да се зголеми бројот на подвижните (крстаречки) единици а и да се формираат коњанички чети. По повод новите комитски напади во мај 1921 година биле засилени сите жандармериски станици и воени одделенија. Поради потребата од повеќе жандарми, Министерството за внатрешни работи на Кралството СХС во спогодба со воениот министер регрутирало околу 2000 нови жандари од редовите на војската кои биле испратени во “јужните краишта”.

 

Се почестите судири на жандармеријата и војската на Кралството со комитските чети, ја принудиле власта во јули 1922 година, да ја засили Вардарската дивизиска област со уште поголеми сили. Така подрачјата во кои спаѓале: Крива Паланка- Царев врв- Саса- Каменица- Драмче- Царево Село- Панчарево- с. Црник- Пехчево- Берово- Босански Кол- Ново село биле првата линија на разместување и одбрана. Во селата Саса, Каменица и Драмче имало еден батаљон од ЏВИ-от пешадиски полк вооружени со најсовремено оружје.

 

Овие податоци ни говорат дека во Вардарскиот дел на Македонија посебно во нејзиниот Источен дел владеела вистинска воена состојба.

 

За спречување на комитските акции во Вардарскиот дел на Македонија, режимот на Кралството СХС се борел со сите расположливи средства. Биле распишани големи награди за фаќање на водачите и војводите на ВМРО. За воведување ред и мир во Источна Македонија биле распоредени околу 35 000 војници, жандарми, граничари и четници, а од вкупно 17 000 жандарми колку што имало во Кралството 12 000 биле распоредени во вардарскиот дел на Македонија.16

 

Покрај многубројните воени и жандармериски единици, државните власти на Кралството СХС, во септември 1923 година во Штип формирале “Здружение за борба против бугарските бандити” за вооружена теренска борба против четите на ВМРО. Нивниот број изнесувал околу 20.000 вооружени луѓе под команда на стари српски четници и активни офицери, меѓу кои биле и бившите војводи на ВМРО, Григор Циклев, Стојан Мишев и Мите Соколарски.

 

Покрај судирите со српските сили, на ова подрачје се случувале и меѓусебни пресметки помеѓу Александров и неговите противници. На 5 октомври 1921 година во близината на селото Саса бил разоружан и убиен кратовскиот војвода на ВМРО, Дончо Ангелов. Овој војвода отпрвин бил голем приврзаник и близок соработник на Тодор Александров а подоцна негов голем противник. Ангелов сметал дека требало да се свика конгрес на организацијата, да се изработи план за идната активност и да се избере нов ЦК на ВМРО, бидејќи години наназад составот на ЦК бил спорен поради фактот што Организацијата дестина години немала одржано Конгрес. Со цел да се надминат меѓусебните недоразбирања, кратовскиот војвода по добиената покана од Александров се упатил кон селото Саса со 4 четници придружба каде лично се сретнал со Александров. Кратко време по средбата бил фатен и разоружан од четниците на штипскиот војвода Иван Јанев- Брло, изведен надвор од селото и ликвидиран. Раководството на ВМРО ова убиство го оправдувало со разбојничката активност што според нив овој војвода ја преземал врз македонскиот народ од тој крај.

 

Со цел да го држи населението настрана од ВМРО и да го спречи да им дава храна, засолниште и информации на четите, српската власт преземала големи воени рации. Во еден извештај од 16 август 1923 година одговарале за комитска организација четворица луѓе од Саса, двајца од Косевица и еден од Дулица.

 

Во сличен извештај од 10 јануари 1924 година се даваат податоци дека од тој крај биле притворени и одговараат по Член 1 и 2 од Законот за заштитан а државата 13 селани од селото Дулица, 11 од Саса, 7 од Каменица, 4 од Цера и 3 од Косевица.

 

Интересно е да се спомене дека и контрачетниците и четниците на Александров најпрвин се грижеле за задоволување на своите потреби а за другото многу не им било грижа поради што локалното население и едните и другите ги нарекувало кокошкари. Во овој временски период бил зголемен бројот на “црните чети” предводени од Илија Пандурски, Дане Црнилишки, Христо Умленски, Мите Суџукаро и други во походи против месното население.

 

Овие контрачети не оделе толку многу во потера по четите на ВМРО, колку во походи за тепање, силување и ограбување на населението. Во голем број случаи како да постоел џентлменски договор за ненапаѓање помеѓу жандарите и четите на Александров и неговите најблиски соработници и војводи. Постарите мештани раскажуваат дека имало случаи кога некој селанец имал слава на честење да доаѓаат и српските жандарми и четниците на ВМРО. Иако и едните и другите знаеле за меѓусебното присуство до отворени судири не доаѓало ,затоашто едните биле сместувани на едниот а другите на другиот крај од куќата. Откако добро ќе се нагостеле си заминувале едни од други. Но судирите не биле избегнувани секогаш. Во овие борби за туѓи интереси имало и случаи кога брат брата убивал. Така во јули 1924 година во еден жесток судир помеѓу српските потери и Кочанската чета, во атарот на село Калиманци бил ранет Илија, помладиот брат на Шарен Ампо од Дулица. За пробивање на обрачот со тешко ранетиот комита кој не можел да оди не можело да стане збор па затоа Шарен Ампо според стариот суров ајдутски обичај го убил братот Илија. Има и една друга непотврдена верзија која ја пренесувам а која е земена на 27 јули 2010 година од мојот дедо Блаже Митевски. Имено според кажувањата на неговите соселани кои биле директни сведоци на времето во кое дејствувал Шарен Ампо тој го убил својот брат Илија заради тоа што последниот лично го предал. Имено Илија бил фатен од српските жандарми и војници и бил приморан да ги одведе до местото каде се криел Шарен Ампо во шумите околу Дулица. Илија тргнал со молба да го убеди својот брат да се предаде бидејќи е опколен од сите страни. Шарен Ампо му дозволил да се приближи стрелајќи му во главата со зборовите: “ така завршуваат предавниците” и започнал жестока борба со српските единици со стрелба од своето оружје и фрлање на бомби. Гледајќи дека не постојат никакви шанси сам да се пробие низ обрачот со последната бомба се разнел себеси. Ова се случило во 1927 година. За жал не постои фотографија од нив или некој нивни потомок затоа што со смртта на браќата згаснала и нивната лоза.

 

За што поефикасно спротиставување на четите на ВМРО, српските жандарми и офицери наименувале кметови кои требало да бидат нивни доушници и информатори. Така во 1924 година за кмет на селото Дулица бил наименуван Јован Петровски од маалото Догриите. Неговата задача била да ги одвраќа селаните од ова село да им помагаат на четниците на ВМРО, да не се вклучуваат во нивните редови, како и да прифаќаат да служат во српската војска. Наскоро го стигнала “долгата рака” на ВМРО. Тој бил грабнат од четниците на организацијата и одвлечен во месноста Китка во атарот на Горна Цера каде бил заклан од вториот војвода на ВМРО од овие краеви, Димитар Медарот. Потомците на овој несреќен човек до денешен ден живеат во истото село. Димитар Медарот подоцна се приклучил кон крилото на Ванчо Михајлов и станал атентатор над неговите идејни противници.

 

На 4 март 1930 година бил убиен истакнатиот протоѓеровист и уредник на весникот “Вардар”, Васил Пундев од страна на атентаторите Димитар Медарот и Никола Стаменов. По убиството на Пундев, за првпат Иван Михајлов бил обвинет за непосреден извршител, а директните убијци биле осудени на 15 години затвор.17

 

Никола Пашков Бачов од селото Дулица бил убиен од родениот брат Вангелија, затоа што одбил да пребега со него во Бугарија. Како доказ пред четниците дека брат му навистина е мртов им ги покажал мустаќите заедно со месото.

 

На 30 декември 1924 година во Штип бил убиен Стојан Мишев, кој по откажувањето од ВМРО преминал во српска служба и станал еден од најважните раководители на “Здружението за борба против бугарските бандити”. Атентатор бил Кирил Глигоров Ќелешов а атентатот го извршил по налог на ВМРО. Веднаш по овој настан успеал да побегне од градот, стигнувајќи речиси до границата со Бугарија. Поминувајќи низ селото Костин Дол бил забележан и предаден од некој селанец на 8 јануари 1925 година. По престрелката што јаи мал со српската потера, откако ја потрошил целата муниција бил фатен и донесен во штипскиот затвор, а на 30 август 1925 година бил егзекутиран со стрелање. Додека сеуште се наоѓал во затворот “долгата рака” на ВМРО уште еднаш сурово пресудила. Имено селанецот Стоил Шанкев кој го извршил неговото предавство на српските власти бил фатен и ѕверски убиен. Ова покажува дека ни најмалку милостиви не биле ни војводите и четниците на ова организација. Нивните судови донесувале одлуки и по брза постапка ги ликвидирале од нив “ осудените”. А биле судени тие што ги сметале како нивни непријатели.

 

Со државен удар, кралот Александар на 6 јануари 1929 година го суспендира уставот, ја распушти Народната скупштина и самиот себеси се прогласи за ,,носител на сета власт во земјата,,.18

 

Диктаторскиот режим воспоставил бел терор, кој добил вонредна жестина и широки размери во Македонија. Во рамките на предвидената администартивно-територијална распределба на државата кон крајот на 1929 година, била образувана Вардарска бановина во која покрај Вардарска Македонија биле опфатени делови од Јужна Србија и Косово. Тогаш било променето и името на државата, која од ,, Кралство на Србите, Хрватите и Словенците,, се преименувала во “Кралство Југославија”.

 

За прв бан на Вардарската бановина бил наименуван Жика Лазиќ, долгогодишниот началник на одделението за јавна сигурност и од 1928 година помошник-министер за внатрешни работи на кралската влада. Неговото поставување за бан на Вардарска бановина наедно значело дека ,,ред и мир,, во јужните краеви може да спроведе само испробана цврста рака и населението да се држи во покорност само со полициски камшик.19

 

По распуштањето на ВМРО во 1934 година, српските власти конечно можеле да здивнат. Нивната дејност била насочена кон создавање разни националистички организации и организирање училишна мрежа во која децата требало да бидат воспитувани во српски дух.

 

За да ја подобри состојбата со учители во Вардарска Македонија, власта давала посебни бенефиции за оние кои биле на работа во потешките места. Така со законот од 1923 година, учителите кои биле на работа во “Јужна Србија” за една година учителствување им се признавале две години пензија. И покрај тоа интерест за учителска работа во овие предели бил многу мал. Работата на учителите од другите краеви на Кралството била отежната поради имотни и други причини. Многу од назначените учители работата во овие предели покрај бугарската граница ја сфаќале како “работа длабоко во Сибир”. Со сигурност може да се тврди дека во тоа време во овие места работеле основни училишта во селата Каменица, Саса и Цера.

 

На 6 април поради одбивање да се приклучи кон Тројниот Пакт, Кралството Југославија од сите страни било нападнато од силите на Хитлеровската коалиција. Согласно претходно постигнатиот договор Вардарска Македонија до Групчин и Охрид и припаднале на Бугарија. Наскоро била воспоставена бугарска окупациона власт, а сите институции на системот биле заменети со бугарски.

 

Најзначаен настан за ова подрачје од Втората светска војна е Пролетната офанзива и маршот на Осоговската ударна група која поминала низ овие предели. Во екот на најголемите борби била ранета народната хероина Вера Јоциќ.

 

Исцрпена од тридневното талкање низ планинските усои и падини, Вера тој прекрасен лик на борец, кој умееше да ја освои љубовта на борците, го вгради својот живот во слободата на нашата земја. Па и ако умре, таа виде дека по неа остануваат илјадници други. Некое далечно ехо ке пристигне во нејзината свест, која полека се губеше, ќе пристигне како визија зборот на поетот соборец:

 

... Ако куршум младост ти зграби,

 

Немој да жалиш, немој да тажиш

 

Огнени очи не ќе ти свенат:

 

илјади срца со жар ќе полниш,

 

илјади борци в борба ќе кренат.

 

Поетот ја доживува ова болка како своја најтешка загуба, која ќе остане длабоко врежана во неговото сеќавање:

 

А утринта кога зрив чела ни спраши,

 

       Ти не беше веќе в редовите наши.

 

         Но скипеа борци со одмазда жолчна.

 

         Развиореа сите со твојата сила,

 

         Ко елени брзи и лесни ко птица.20

 

Во нејзина чест КУД од нашиот град го носи нејзиното име, а во 1985 година во градскиот парк во Македонска Каменица свечено била откриена бистата на ова жена херој, дело на академскиот скулптор Томе Серафимовски.

 

Споменикот на народниот херој Вера Јоциќ

 

Сл. 11 Споменикот на народниот херој Вера Јоциќ (1923-1944) во градскиот парк во Македонска Каменица

 


13.Бранко Петрановиќ Југославија 1918/1984, Београд 1985, 177

14.Списание Историја год.ЏЏЏИЏ… 122

 

15 .Група автори Златна книга, 100 години ВМРО, Скопје 1993 стр. 163

 

16.Златна книга... 164

 

17.Виолета Ачкоска, Никола Жежов ,, Предавствата и атентатите во македонската историја,, Скопје 2004, стр. 293

 

18.ИНИ Историја на македонскиот народ книга трета, Скопје 1969, стр. 69

 

19.Ибид 72

20.Народни херои од Македонија, Скопје 1973, стр. 167