fShare
0

Како резултат на погодните природно- географски услови и благопријатната клима, територијата на која се наоѓа општината Македонска Каменица била населена уште од праисторискиот период. На повеќе места се пронајдени археолошки остатоци од населението кое живеело на овие простори уште во неолитскиот период (10.000 -3.000 год. пр.н.е). Тоа се најразновидни камени оружја и орудија кои биле користени во секојдневниот живот за најразновидни потреби како за собирање храна и семиња во разновидни глинени садови, потоа најразновидни видови чеканчиња, секири и врвови од стрели и копја кои нашите предци ги користеле за лов и одбрана од диви животни во тие сурови времиња, па се до едноставни алатки за примитивна обработка на земјиштето. Интересно е да ги споменеме и неколкуте мали жртвеници, камени фигури на разни божества и тотеми кои служеле за сакрални цели на првобитните луѓе.

Од бронзениот период (1800 -1000 год.пр.н.е ) наодите се поретки, додека железниот период ( 1000- 300 год.пр.н.е) има поголем број наоди што е резултат не само на перманентната растечка населеност на месното население, но и подобрата општествена организираност и подобрувањето на орудијата за лов и земјоделска активност.

Од праисторискиот период останале зачувани и многубројни “тумби” или “могили” т.е мали земјени возвишенија во кои биле вршени погребувања а кои сеуште не се доволни систематски истражени, а во некои од нив биле вршени погребувања и во римскиот период. Така во атарот на селото Косевица на високата чука кај Паровското маало се среќаваат остатоци од едно римско градиште (бедем, керамика и ќерамиди ), а кај месноста Градиште до Косевичка река е евидентирана една мала римска некропола. Остатоци од римски населби се среќаваат и во атарот на селото Тодоровци кај Ѓурѓина ливада каде е пронајден бронзен меч кој датира од X-ти до VIII век пр.н.е и кој се чува во Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје, како и на утоката на Моштичка во Камена река. На последниот локалитет на еден висок рид се зачувани многубројни остатоци од едно мало воено утврдување кое било наменето за одбрана на патот кој водел кон север во реонот на рудниците за олово и цинк.

Временскиот период на изградба на римските населби и воените утврдувања започнал во III-от век кога Римската империја започнала да се соочува со напади од северните варварски племиња, а завршил во VI-от век во време на владеењето на византискиот император Јустинијан I (527-565 ), кога инвазијата на Словените и го нанела решавачкиот удар на Римската , односно Византиската империја.

Најпознатиот локалитет од тој временски период се наоѓа на ридот “Калата” на утоката на Каменичка река во Брегалница на местото каде денес се простира вештачката акумулација “ Калиманци”. Таму се зачувани бројни остатоци од една голема населба, утврдена со три бедеми. Тие оградувале простор околу 30 до 80 метри, додека на источното подножје постоело подградие и некропола. Со археолошки ископувања на овој локалитет била откриена еднобродна црква која и припаѓа на доцната антика од VI-от век.

Eдна градска населба од доцноримскиот период била откриена во атарот на селото Саса. Друг значаен локалитет е пронајден во атарот на село Дулица кај месноста викана Бегов Даб, каде покрај другото била пронајдена една голема базилика од VI-от век со многу материјални остатоци (керамика, калони, капитоли и др.)

fShare
0