Сто дена не се мерат само во бројки.
Сто дена се мерат во поставени темели.
Од првиот ден бевме насочени кон едно – воспоставување правен ред и поредок и поставување јасни и силни законски позиции на општината, со цел нејзина заштита од идни правни последици.
Затоа што не е доволно само да се набројат проекти.
Важно е да се изгради систем.
Да се постават јасни насоки.
Неколку месеци потрошивме во исправање неправилности, расчистување заплеткани ситуации и стабилизирање на институцијата. Тоа беше тивка, но неопходна работа.
Со преземањето на локалната власт, а поради тоа што беше крајно време за креирање на буџетот, започнавме со буџетски форуми.
Форуми во сите осум села.
Во градот.
Со маргинализираните групи.
Со бизнис-секторот.
Со невладините организации и спортските здруженија.
Ги утврдивме приоритетите според кои ќе се реализира четиригодишната програма за развој на општината.
Особено внимание посветивме на младите. Следува формирање Младински совет во рамки на Општинскиот совет – затоа што нивниот глас треба да биде дел од одлуките.
Паралелно, администрацијата работи на правилник за финансиска поддршка на оригинални бизнис-идеи на млади претприемачи.
Ќе следуваат и други мерки за поддршка на мали и средни претпријатија – како дел од процесот на праведна енергетска и економска транзиција, во соработка со Рудник САСА, се надевам и со Владата и ресорните министерства.
Нашата цел е сигурност и стабилност во пострударскиот период, кога и да се случи.
КУЛТУРА И ЖИВОТ ВО ГРАДОТ
Оваа година општината беше прекрасно новогодишно украсена, со богата празнична програма и организиран настан за Стара Нова година со кршење лепче со паричка на Градскиот плоштад.
Тоа донесе светлина и радост во град кој подолг период беше без настани.
Организиравме културни настани со цел повторно да го оживееме културно-забавниот живот, кој четири години живуркаше.
Првата мерка беше исплата на:
3.000 денари за секое прваче
20.000 денари за секој ученик запишан во прва година средно образование
Го зголемивме надоместокот за новороденчиња:
од 20.000 на 30.000 денари за првородено дете во годината
од 10.000 на 15.000 денари за секое новородено дете
И воведовме дополнителни 50.000 денари за трето, четврто и секое следно дете во семејството.
Доделени се 20 стипендии за основци, средношколци и студенти – секоја во вредност од 30.000 денари.
За ученички униформи во основното образование се предвидени 1.200.000 денари.
Во јануарскиот повик за спортските и невладините здруженија се доделени 8.400.000 денари.
За првпат во буџетот се издвоени 3.500.000 денари за кофинансирање на услугата „Нега во сопствен дом“, во партнерство со ЗГ „Здравец 2002“ и Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Во текот на годината ќе продолжиме со помош за болни лица на лекување, поддршка за едно родителски семејства, самохрани родители и деца без родителска грижа.
ПРОБЛЕМОТ СО БЕЗДОМНИ КУЧИЊА
Иако нема национална стратегија, започнавме систематско решавање. Склучен е договор за заловување и хуман третман, а започнуваме и втора фаза – ангажирање експерт кој ќе нè води низ целиот процес со цел хуманизација, одредување места за хранење, ветеринарна грижа и трајно тргање на кучињата од улица.
Во изградба беше улицата „Питу Гули“, финансирана од првиот повик од Унгарскиот кредит, започната во октомври 2024 година, нереализирана поради нерешени имотно-правни односи и судски постапки. Дополнителен проблем се експроприрани објекти кои останале во трупот на улицата. За жал, жителите ќе мора да почекаат додека не се надминат пречките и не бидат решени судските постапки.
Затекнавме уште пет договори за локални патишта склучени со нереално кратки рокови за реализација, кои беа несоодветни со буџетскиот календар. Следеше нивна правна регулација со Министерството за транспорт, со цел да се заштити општината од финансиски импликации.
Во застој е локалниот пат во село Луковица – маало Ефендии (463 м), поради несогласување за ширината на трасата.
Во тек е поврзување на село Моштица со село Косевица (2.218 м).
Со подобрување на условите ќе продолжат:
– патот за маало Паровци – Косевица (1.222 м);
– поврзување Саса – Цера (1.987 м);
– пат до маало Гребење – Цера (1.347 м).
Сите овие проекти се изработени во 2019 година.
– локален пат во Ковачевци кај Чочката (200 м)
– Папурица во Костин Дол (530 м)
– крпење ударни дупки Луковица – Костин Дол (320 м)
Во тек е набавка за бетонски работи и партерно уредување: пропусти, потпорни ѕидови, нови гробни површини, настрешници, пешачки патеки и урбана опрема за доуредување на плоштадот.
Во тек е проектирање на потпорниот ѕид кој минатата година беше оставен само со ископани темели, што доведе до оштетување на дел од новоизградената улица „Церска“. По завршување на проектирањето ќе следи реализација.
Работиме на ставање во функција на филтер-станицата за Стара Каменица.
Завршена е фаза од водоводот во Моштица (889 м).
Започна изградба на фекална канализација во Ѓачко Маало (664 м) и Ѓурѓина Ливада (430 м) во село Тодоровци.
Јавното претпријатие го затекнавме со долг од 5.000.000 денари, со нерационално трошење, договори на дело и финансиска недисциплина. Во тек е консолидација и стабилизација.
Се врши генерално чистење на целата територија.
Се чистат канали и одводи.
Се регулира Каменичка Река во соработка со АД Водостопанство.
Добивме три типа контејнери за селекција на отпад.
Продолжува бесплатниот превоз за деца од руралните средини, мерка која ја воведов во мојот претходен мандат.
Предвидени се средства за реконструкција на тоалетите.
Аплициравме за нов покрив и енергетски ефикасна фасада – проект изработен со УНДП.
Во соработка со Рудник САСА обезбедуваме 20.000.000 денари
(6.000.000 САСА + 14.000.000 Општина)
за реконструкција на здравствената станица во Македонска Каменица. Во тек е подготовка на трипартитен договор.
За првпат е предвидена набавка на ново противпожарно возило и целосна опрема за ТППЕ.
ПРЕКУГРАНИЧНА СОРАБОТКА И ТУРИЗАМ
Во тек е реализација на планинска велосипедска патека во должина од 25 километри, со одморишта и набавка на 5 електрични велосипеди.
Продолжуваме со силна поддршка на дуалното образование, воведено во 2021 година во партнерство со Рудник САСА. Тоа го зголеми бројот на ученици и создаде квалификувани кадри конкурентни на пазарот на труд.
Овие 100 дена не беа време на спектакл.
Беа време на ред.
На исправување.
На поставување систем.
Поддржуваме деца.
Семејства.
Млади.
Образование.
Култура.
Инфраструктура.
Праведна транзиција.
Не ветуваме лесни решенија.
Ветуваме одговорност.
Ова се темелите.
А врз темели – се гради иднината.
Ова е само почетокот.
