Градоначалникот Атанасовски учествуваше на регионална средба за унапредување на средното стручно образование

На регионална средба во Делчево продолжија активностите во рамки на кампањата на Министерството за образование за промоција на средното стручно образование „Учи паметно, работи стручно“. На настанот кој се реализира со поддршка на Швајцарската амбасада во Скопје учествуваа државниот секретар во МОН, Анета Трпевска, градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, градоначалниците од Берово,  Звонко Пекевски и од Македонска Каменица, Димче Атанасовски, директори од средните стручни училишта, како и претставници од бизнис-секторот од регионот.

По средбата во изјава за медиуми, градоначалникот Атанасовски истакна:

„Мојот тим, уште од првиот ден, започна со подготовка на низа мерки со кои ќе допринесеме до подобрување на условите за одвивање на образовниот процес на локално ниво, како и за мотивирање на наставниот кадар за уште поголема посветеност во нивната работа, но и мотивирање на учениците да запишуваат средно образование во Македонска Каменица, во Средното општинско училиште „Миле Јаневски Џингар“.

Во завршна фаза ни е Правилник за еднократна финансиска поддршка на ученици кои ќе се запишаат во прва година во „Миле Јаневски Џингар“, подготвуваме нови Правилници за стипендирање на талентирани ученици и награди за нивните ментори, за стипендирање на ученици од социјално ранливи семејства.

Подготвуваме соодветни Програми за практиканство и волонтерство на ученици од Средното училиште „Миле Јаневски Џингар“ во проекти кои се реализираат од страна на Општина Македонска Каменица.

Спремни сме и ќе инвестираме и во подобрување и модернизација на просторните капацитети на училиштето, како и во обезбедување на соодветни материјали и помагала за квалитетна реализација на образовниот процес.

Ред е да се заблагодарам за несебичната поддршка која години наназад ја дава и приватниот сектор, се со цел нашите ученици да имаат подобри услови за следење на наставата“.

Сподели

Остави коментар