ЗАКЛУЧОЦИ ОД ВОНРЕДНИОТ СОСТАНОК НА ОПШТИНСКИОТ КРИЗЕН ШТАБ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ И ЗАШТИТА ОД КОРОНАВИРУСОТ

Денес со почеток од 12 часот, се одржа состанок на Општинскиот Кризен штаб за спречување и ширење на заразата со Ковид 19. На состанокот беше разгледана актуелната состојба предизвикана од новиот вирус Ковид – 19 и во согласност со најновите мерки на Владата и Министерството за здравство беа донесени следниве препораки и заклучоци:

1. Да се изврши поставување на пунктови за дезинфекција на автомобили и товарни возила на влезовите во градот кон Делчево и Кочани (според можностите и на неколку локации во градската средина).

2. Интензивно да се продолжи со перење и дезинфицирање на градските улици и јавни површини во Македонска Каменица. За таа цел и подобро остварување на оваа задача да бидат ставени во функција сите расположливи средства и ресурси на ЈП „Камена Река“, ТППЕ и Просторните сили на општина Македонска Каменица.

3. Преку вонредни и засилени контроли на Пазарниот инспекторат и МВР во сите јавни објекти, маркети и аптеки да воведе строго регулирање на фрекфенцијата на клиенти. Истите се задолжуваат кон стриктно почитување на препораките за меѓусебно растојание и одредбите за контролиран влез, излез и престој на одреден број клиенти според големината на објектот.

4. Им се препорачува на локалните фризерници и салони за убавина на територијата на општина Македонска Каменица, поради опасност од ширење на заразата со Ковид 19, времено да престанат со обавување на дејноста до завршување на вонредната состојба во државата.

5. Од денес се интензивира соработката помеѓу Здравствената станица заедно со матичните лекари, Центарот за јавно здравје, МВР и Општинскиот Кризен штаб за поефиксно справување со заразата од Ковид 19.

6. Приватниот сектор да пристапи кон извршување на одредбите донесени од Владата со кои на вработените опфатени со времените мерки за заштита од зараза со Ковид 19 им се наложува искористување на годишните одмори до 31. Мај, односно до 30 Јуни за годишните одмори од 2020 година.

7. Препорака до спортските клубови и здруженија да престанат со сите спортски активности и тренажни процеси, кои опфаќаат присуство во спортски објекти и спортски игралишта.

8. Општинскиот Кризен штаб воведува забрана користење и присуство на забавните детски паркови, повеќенаменски спортски игралишта, спортски објекти и помошни игралишта на територијата на општина Македонска Каменица. За таа цел ќе бидат поставени информативни табли за граѓаните кои ќе потсетуваат на забраната за користење.

9. Според потребите и околностите кои ги наложува понатамошниот развој на ситуација со ширењето на заразата со Ковид 19, Општинскиот Кризен штаб ги става во функција сите расположливи средства и ресурси на Просторните сили на општина Македонска Каменица.

10. Старите и изнемоштени лица над 60 годишна возраст да ги користат услугите на мобилните тимови на општина Македонска Каменица, со повикување на телефонските броеви 078 651 089; 071 377 841; 078 416 528; 078 218 706.
Преку воспоставените телефонски линии овие граѓани можат да пријавуваат потреба од достава на лекови, средства за дезинфекција и храна. Со напомена дека самите го преземаат трошокот за набавка на истите.

11. Препорака до поголемите производствени субјекти во регионот кои организираат сменско работење и превоз на работниците да вршат редовна дезинфекција на превозните средства и работните простории на истите. Исто така, потребно е да обезбедат доволно безбеден меѓусебен простор со користење на заштитна опрема за работниците при нивниот транспорт до работното место и назад.

12. Кризниот штаб на општина Македонска Каменица на поголемите маркети и аптеки им препорачува да вршат планиран и организиран прием на роба. Да се придржуваат кон мерките за безбедност и здравје на работниците и клиентите, односно редовно поседување на заштитна опрема на возачит, дистрибутерите и вработените при прием на роба и нивен престој пред и во објектот.

13. До возачите кои вршат транспорт надвор од државата, се апелира за придржување кон одредбите за самоизолација, како при нивниот престој надвор од државата, така и во периодот додека се на територијата на општина Македонска Каменица.

Почитувани,
Се наоѓаме во ситуација кога одговорноста на секој е важна и неопходна.
Затоа апелираме до сите граѓани да бидат совесни, со зголемена грижа за сопственото здравје и здравјето на најблиските.
Поради сериозноста на ситуацијата, Општинскиот Кризен штаб на Македонска Каменица упатува молба до сите граѓани да се придржуваат кон мерките на Владата, вклучително и најновите одредби со кои дополнително се ограничува движењето на граѓаните.

Сподели

Остави коментар