СО РЕДИЦА МЕРКИ, ОПШТИНА МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА ЌЕ ЈА ПОДОБРУВА НАПЛАТАТА НА ЛОКАЛНИ ТАКСИ

Општина Македонска Каменица со низа мерки ќе ја подобрува наплатата на данок на имот и фирмарина, од физички и правни лица кои ги немаат подмирено своите обврски во изминатиот период.

Најпрвин ќе биде извршено ажурирање на податоците на даночните обврзници, по што ќе се започне со доставување на решенија за наплата на заостанатите долгови. Опомените за наплата ќе бидат последниот чекор, со што ќе се избегне непопуларната мерка за блокади на сметки на физичките и правните лица во деловните банки.

Според податоците од општинската администрација, наплатата на данокот на имот и фирмарината во Македонска Каменица, во последните три години се движи помеѓу 70% и 80%, а со новите мерки кои ќе бидат преземени се очекува наплатата да биде значително подобрена.

Општина Македонска Каменица упатува благодарност до сите кои навремено ги подмируваат своите обврски и апелира до останатите да ги подмират даночните обврски до крајот на 2017 година, затоа што по истекот на годината ќе се пресметува и дополнителен данок на сумата за наплата, што би значело и дополнително финансиско оптеретување за физичките и правните лица.

Наплатата на данокот на имот и фирмарината е значајна од причина што со овие финансиски средства Општината ги финансира општите добра и реализацијата на нови проекти.

Сподели

Остави коментар