Македонска Каменица е најтранспарентна општина на Истокот и седмо рангирана институција во државата

Според Индексот на рангирање кој денеска го објави Центарот за граѓански комуникации, општина Македонска Каменица со 85,9% успешност во активната транспарентност, се наоѓа на седмо место во државата. Општина Македонска Каменица е најтранспарентна општина во Источна Македонија далеку над просекот кај останатите општини во регионот од 68,3%.

Ова претставува висок напредок во подобрувањето на активната транспарентност на општина Македонска Каменица, бидејќи во 2017 година општината се наоѓаше на 76 место со 22,4%.

Општина Македонска Каменица е една од ретките општини, каде Јавните набавки, објавените Огласи и склучените Договори се прикачуваат автоматски на веб страната, а се следат преку поставен „Банер“ на траснспарентно и видливо место. Исто така, секоја промена на годишниот план за јавни набавки, како и активностите при спроведување на развојните програми и Програмата за работа на општината и градоначникот се објавуваат на дневна основа според утврдена динамика.

● Источниот Регион го задржа првото место што го зазеде лани и остана
лидер меѓу регионите според активната транспарентност со просечно
исполнување на обврските од 68,3 %, што е дури и подобрување од лани за
6,3 процентни поени. Со значително подобрување на активната
транспарентност две години по ред, Македонска Каменица изби на првото
место во регионот, со високи 85,9% исполнетост на обврските од
активната транспарентност.

Што е активна транспарентност и како се мери?

Под „активна транспарентност“, нагласуваат од Центарот за граѓански комуникации, се подразбира објавување на информации по сопствена иницијатива без некој да испрати барање за пристап до тие информации. Наспроти тоа, кога има барање станува збор за „реактивна транспарентност“.

Ова истражување е спроведено врз основа на изработена методологија и структурирани прашалници за исполнетоста на обврските за активно објавување на информациите на интернет-страниците на институциите.

Каква е состојбата кај општините поединечно?

Општините годинава се вратија на врвот на листата каде се наоѓаат институциите со „многу добра“ активна транспарентност, покажува извештајот на Центарот за граѓански комуникации. Од 21 институција во оваа група, 14 се општини.

Најдобра е Велес, а по неа следуваат Карпош, Крива Паланка, Битола, Демир Хисар, Македонска Каменица, Валандово, Зрновци, Гази Баба, Струмица, Делчево, Куманово, Кавадарци и Охрид.

Наспроти тоа, со исклучок на едно министерство, само општини ги заземаат и последните 37 места во рангирањето, од кои седум се во групата со „многу слаба“ активна транспарентност (покрај спомената Зелениково тука се и Старо Нагоричане, Петровец, Центар Жупа, Липково, Пласница и Чучер Сандево).

Од вкупно 81 општина, само 43 годинава успеале да ја подобрат активната транспарентност во споредба со лани кого подобрување имало кај дури 70 општини.

На институциите најтешко им паѓа финансиската транспарентност

Во извештајот се нагласува дека во однос, пак, на области, институциите објавуваат најмногу информации од областа на пристапот до информации, а најмалку од областа на буџетската и финансиската транспарентност.

„И општините и министерствата најслабо стојат кај активното објавување информации од областа буџетска и фискална транспарентност, каде што од можни 100 %, општините исполнуваат само 36 % (лани 26 %), а министерствата 42 % (лани 57 %) од обврските за активно објавување информации“.

Ова практично и не се однесува на општина Македонска Каменица, бидејќи како што наведовме, сите јавни набавки, планови и програми за работа автоматски се објавуваат на веб страната преку директен хипер линк до сајтот на e-nabavki.gov.mk.

Во делот за пристапот до информации обврските за активно објавување на податоци согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, процентот на исполнување на обврските кај општините е 67, исто како и лани, додека кај министерствата е 88 %, а лани бил 95 %.

Обврската за објавување информации за надлежност и услуги, пак, кај општините е исполнета 36 % во споредба со ланските 47 %, а кај министерствата 89 % во споредба со минатата година кога индексот изнесувал 86 %.

Сподели

Остави коментар