Општина Македонска Каменица упати Известување до станарите на законските обврски за одржување на зградите
Македонска Каменица, 25 март 2025 – Општина Македонска Каменица ги информира граѓаните, сопственици на станови во колективни станбени згради, за нивните обврски во согласност со Законот за домување.
Според законските одредби, станарите се должни да се грижат за тековното одржување на заедничките делови на зградата. Ова вклучува замена на сијалици, приклучоци, мали молерски интервенции и набавка на резервни делови.
Дополнително, според член 62 од Законот, сите членови на Заедницата на сопственици се обврзани да издвојуваат средства во резервниот фонд, кој служи за покривање на неопходните трошоци поврзани со заедничкото домување.
Управувањето со зградата е одговорност на претседателот на Заедницата на сопственици, кој, според член 59, треба да ги спроведува сите активности во име и за сметка на заедницата.
„Сите станари мора да бидат свесни дека потенцијалните опасности и ризици од заедничкото домување се нивна заедничка одговорност“, стои во соопштението од Општина Македонска Каменица, потпишано од градоначалникот Димчо Атанасовски.
Ова потсетување има за цел да ја зголеми свеста на граѓаните за правилното одржување на зградите, со што ќе се обезбеди безбедно и квалитетно живеење за сите станари.
