Средновековен период

Неуспехот на византиската офанзива во времето на Маврикиј да ја отфрли огромната словенска маса отаде Дунав ја запечатила еднаш засекогаш судбината на Балканот. Навлегувањето на огромната маса словенски племиња на Балканскиот Полуостров од корен ја има изменето етничката слика на овие простори. Староседелското население и римските колонисти немале многу избор при соочувањето со словенската инвазија, бидејќи морале или да се асимилираат во огромната словенска маса или да се повлечат високо во планините кадешто се занимавале со сточарство. Оние најтврдокорните кои не можеле да се помират со новонастанатата ситуација се повлекувале кон големите утврдени градови на Византиската империја.

Во почетната фаза Словените од религиски аспект му останале верни на своето паганско учење. Верувале во ѕвездите, разни вампири и самовили, натприродни духови, принесувале жртви на сонцето и месечината и имале развиен политеизам. Христијанското учење во Македонија па и на овие простори се ширело мошне бавно и во повеќе етапи. Првите обиди да се наложи верата во Христос ја направиле токму староседелците. Втората етапа започнала со походите на византиските императори кои со себе воделе и христијански свештеници и мисионери. Меѓутоа без сомнение најголем успех постигнале словенските просветители Кирил и Методиј кои околу 855 година ја извеле Брегалничката мисија. Имено во “Солунската легенда” се вели дека Константин Филозоф дејствувал меѓу Словените на Брегалница и тоа во градот Равен. Притоа се споменува дека покрстил т.е конвертирал во христијанство 54.000 Словени а освен тоа им напишал и 35 букви со што ги поставил темелите на првата словенска азбука. Бидејќи и нашето подрачје е дел од Брегалничката област сосема е веројатно дека и словенските жители кои живееле на овие простори го примиле христијанството по византиски образец. Ова го потенцираме затоашто Брегалница претставувала важна административна територија во рамките на Византиската империја и тоа во нејзиниот горен тек ги опфаќала денешните територии на Пијанец и Малешевската котлина. Освен тоа тоа претставувало и гранична област кон средновековна Бугарија која во овој период била во засилен подем и имала територијални аспирации кон запад, па затоа се сметало дека со покрстувањето Византија би направила верни поданици и следбеници кои би се спротиставиле на походите на воинствените Бугари.

svKirilMetodij

Сл.1 Св. Кирил и Методиј

Понатамошната историска етапа на овие простори била поврзана со продорот на бугарските средновековни армии и воспоставувањето на бугарската воено-административна организација. Овие настани започнале во времето на канот Борис И (852-889) а зенитот бил постигнат во времето кога со бугарскиот престол владеел Симеон (893-927) најмоќниот владетел на средновековна Бугарија.

Со создавањето на средновековната македонска држава на чело со царот Самоил и неговите наследници Гаврил Радомир и Јован Владислав, овој крај бил вклучен во рамките на Самоиловата држава каде останал се до нејзиниот трагичен крај (1018). По пропаста на Самоиловата држава по барање на новоназначениот архиепископ Јован, Василиј ИИ му дал три грамоти во кои се определени правата на црковните феудалци од Охридската архиепископија на чело со самиот нејзин архиепископ. Така во I-та грамота од 1019 година меѓу другото стои напишано:

Епископот на Мородвиз да има во самиот Мородвиз и во Козјак, Славиште, Злетово, Луковица, Пијанец и Малешево 15 клирици и 15 парици1

Ова е првото споменување на селото Луковица во историските извори .

             По обновувањето на Второто бугарско царство (1187-1396) овие простори повторно влегле во составот на средновековна Бугарија. Ваквата состојба останала се до втората половина на XIII-от век кога српскиот крал Милутин (1282-1321) загосподарил со овие краеви. Податоци за овие историски настани наоѓаме во “ Биографијата на српските кралеви” напишана од српскиот патријарх Данило ИИ во која се вели : “ Кревајќи се со својата сила, Милутин тргнал кон државата од областите на грчкото царство кон околните предели, а тоа се овие што ќе ги кажам: најпрвин ги зеде двата полога со нивните градови и со областа, и славниот град Скопје, потоа Овче Поле и Злетово и Пијанец2

Во 1282 година била обновена рударската работа во старите римски рудници. Тогаш голем број Саси од Унгарија и Германија дошле во Македонија, вклучително и во овие предели и ја обновиле работата во олово-цинковите рудници. По Сасите останало името на денешното село Саса. Се менувале и пари, кај менувачите на пари наречени сарафи во денешната Сарафска маала која се наоѓа над денешниот современ рудник.

Панорама на Сарафска маала, село Саса

Сл. 2 Панорамски поглед кон Сарафската маала

Од тој временски период останале поголем број зборови кои ги користеле Сасите за разновидни алатки и предмети. Дел од откопаната руда првобитно се топела во Каменица која според народните преданија била поголема населба. Оваа област била под управа на крупниот феудалец протосевастократорот Хреља, а потоа со неа управувал деспотот Јован Оливер.

Првата половина на XIV-от век на Балканскиот Полуостров се случува нова констелација на политички план. Имено по завршувањето на граѓанската војна во Византија, новиот византиски император Андроник III согледувајќи го се поголемото зајакнување на српската држава склучил воена алијанса со Бугарија за заеднички напад на Србија.

Србија во тој момент не била спремна за војна на два фронта и се обидела да се смири со Бугарија, но тие обиди завршиле безуспешно. По неуспешните преговори Србија одлучила прво да тргне против Бугарија, чии војски пристигнале во долината на реката Струма и биле улогорени кај градот Земен во Македонија. Српската војска пристигнала и се улогорила на реката Каменча (денешната Каменичка река). 3

Српскиот крал Стефан Дечански сакајќи да добие во време бидејќи голем дел од армијата сеуште не била пристигната, решил да започне иницијатива за преговори кои не успеале. Откако армијата се собрала во овие краишта се упатила во пресрет на Бугарите каде на 28 јули 6828* (1330) на границата меѓу Пијанец, Ќустендилското поле и Каменица се одиграла познатата Велбуждска битка која завршила со катастрофален пораз на Бугарите, во која загинал и нивниот цар Михаил.

Оваа битка имала далекусежни последици за судбината на Македонија, затоашто ја зацврстила српската хегемонија на овие простори. Во понатамошниот временски период овие наши краеви влегле во составот на феудалните имоти на крупните феудалци Хреља а подоцна и деспотот Јован Оливер.

             Хреља бил крупен феудалец кој ја владеел територијата околу Струмица, Штип и Радовиш, и во периодот на осамостојувањето располагал со 1 000 војници и три баштински града што за средновековниот период претставувало значајна сила. По неговата смрт овие предели ги зазела српската војска а потоа со нив загосподарил еден друг крупен феудалец а тоа бил деспотот Јован Оливер. Тој спаѓал во редот на најкрупните феудалци во периодот на српското владеење. Јован Оливер бил богат феудалец. Тоа може да се заклучи по вестите на Јован Кантакузин за средбата помеѓу нив двајцата во 1342 година кога го примал со вооружена придружба од 2000 луѓе.

             Извор на богатството биле рудниците Злетово- Саса, што се наоѓале на територијата на неговиот имот, а во кои работеле прочуените средновековни рудари Саси. Покрај тоа Јован Оливер собирал приходи и од потчинетото население кое му доставувало: “соќе, перперак, пис, димнина, приплата, поклон царски, десеток од жито, вино како и * вскакаго десетка живаго* (овци, свињи, пчели). тревнина, наметак свински и овчи, приселица, псар, и герекар и позоб.4

             Последен директен спомен за Оливер имаме од крајот на 1354 година, кога во едно писмо на папата Инокентие ВИ тој повторно се среќава како еден од блиските феудалци на српскиот цар.

             Овие наши краеви во средновековните извори повторно се споменуваат во повелбата на српскиот цар Стефан Душан (1331-1355) со која тој му го потврдува наследството на властението на деспотот Оливер на Иванко Пробиштиповиќ. Повелбата завршува со зборовите : “ Во Христа бога верен Стефан, цар на Срби и Грци по заповед на господинот царот, кажа Жарко идејќи од Солун на Луковица, во месец мај на 28-от ден 1350 година”.5

             Во втората половина на XIV век овие краеви влегле во составот на кнежеството на Константин Дејановиќ. Во составот на ова држава влегувале: Штип, Стумица, Велбужд, Краиште, Врање, Прешево, Жеглигово, Злетово, Кочани, Пијанец, Малешево, Петрич, Мелник, Радовиш, Дојран, Боемија, Тиквеш и Велес, практично “цела Македонија источно од Вардар, вклучувајќи ги Мелник и Рила и допирала до близу Сер и скоро до Солун”.6

Во периодот на Дејанови продолжила да се експлоатира рудата во Осоговските планини, пред се во Кратово, Саса и Ќустендил. Рудниците биле државна сопственост. Дејанови имале силна и организирана војска. Издршката на војската била од богатите рудници. Главната ударна војска се состоела од наемници кои биле спремни да стапат во акција во секое време.

Втората половина на XIV век се карактеризаирала со политичка расцепканост на Балканот и Македонија. Оваа политичка расцепканост и неединство на балканските владетели ја искористиле Турците Османлии. По катастрофалниот пораз на Волкашин и Углеша Мрњавчевиќ во битката на реката Марица на 26 јуни 1371 година, Османлиите ја искористиле ситуацијата за навлегување во Македонија и тоа се одвивало во повеќе етапи.

Во 1386 година турскиот султан Мурат I лично се ангажирал на Балканот и тогаш нему му се потчинил Константин Дејанов, така што поголемиот дел од Источна Македонија паднал под врховна османлиска власт. Овој средновековен владетел немал друг избор бидејќи ако се спротиставел ризикувал да ја осети врз себе сета сила на османлискиот напад или да се најде во неблагопријатна положба кон своите соседи-вазали, на кои османлискиот сизеринитет им осигурувал привремено спокојство и дури можност за привремено проширување.

Но иако станал вазал Константин Дејанов се до 1389 година располагал со голема самостојност. Тој и понатаму останал врховен господар на својата земја и рудниците во својата држава. Под своја власт имал кнезови, кефалии, севаст и други великодостојници. Константин го задржал правото да подарува имоти. За внатрешната самостојност Константин му доставувал на Мурат годишен данок (џизие и харач), а во случај на потреба бил должен да учествува во војна со својата коњаница, како и во секое време непречено да ја пропушта османлиската армија низ сите територии кои ги управувал. При еден воен поход против влашкиот војвода Димитар Мирче, Константин Дејанов загинал на 17 мај 1395 година во бојот кај Ровине борејќи се на страната на турскиот султан Бајазит И Јилдирим (1389-1402). Неговата смрт означила дефинитивен крај на неговата држава. Имаме податоци дека во 1410-1413 година со државата која ја владеел управувал некој си војвода Јусуф, но за него не се знае многу, кој е и од каде бил.


1.Љубен Лапе Одбрани текстови за историјата на македонскиот народ И дел, Скопје 1975, стр. 71

2.Животи краљева и архиепископа српских, написао архиепископ Данило, издање ´. ДаничиÊ, Загреб 1866, 108-109

3.Атанасовски Александар Македонија во XIV век , докторат во ракопис одбранет на Филозофскиот факултет во Скопје 1999 год. стр. 45

4.Ибид стр. 139

5.Љубен Лапе Одбрани текстови…171, види и Одабрани споменици српског права, Београд 1926 год. стр. 150-152

Сподели

Остави коментар