Oтчет за првите 100 дена од мандатот

ОТЧЕТ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА СОЊА СТАМЕНКОВА

(ИНТЕГРАЛЕН ТЕКСТ)

Почитувани сограѓани,

Поминаа сто дена од преземањето на локалната власт во општина Македонска Каменица. Ова е период во кој силно се насочивме кон создавање на отворена и услужна општина за сите каменичани, период на градење нов препознатлив имиџ на општина кој е партнер на граѓаните, институциите и приватниот сектор.

Во првите сто дена се посветивме на враќање на довербата на граѓаните во општинските органи и институции и мапирање на нивните вистински проблеми со кои секојдневно се соочуваат. Иако петок официјално е приемен ден за странки, сите граѓани, во зависност од нивните барања и потреби ги примаме и во останатите работни денови.

Како одговорна локална власт се насочивме во плаќање на долговите кои ги наследивме од претходното раководство. Исплатени се побарувањата за изградбата на патиштата до Сарафска и Мечкарска маала во село Саса, за маалите Ќосевци и Дулѓерци во село Дулица, за изградбата на дел од патот до Стамболиска маала во село Цера, за изградба на локални пристапни патишта во селата Дулица, Моштица и Луковица, како и за неколку улици во Македонска Каменица. Платени се долговите и за изградба на атмосферската канализација во Македонска Каменица и за фекалната канализација во Стара Каменица.

Во овие 100 дена општина Македонска Каменица ги сервисираше и долговите кон ЕВН, кон „Камена Река“, кон Ветеринарно-сточарски центар и редица други локални институции, приватни фирми и компании.

Вкупниот износ на исплатените долгови изнесува околу 30 милиони денари.

Заради подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните ги реализираме проектите:

Изградба на мостови во Павлиш дол, село Моштица, на Луковичка река во село Луковица и на Црна река во село Костиндол
Се уредува одводен канал во Горен Павлиш дол
Се поставуваат заштитни огради на мостови и канали
Се градат локални пристапни патишта во село Моштица
Се доуредуваат бетонски пропусти за одведување на атмосферски води во селата Косевица, Костин дол и Моштица.
Од причина што не наследивме ни готова проектна документација ги зголемивме финансиските средства за подготовка на нови проекти кои ќе значат подобар живот за граѓаните.

Веќе подготвуваме проектна документација за енергетска ефикасност на ООУ „Св. Кирил и Методиј“, а се подготвува и проектот за изградба на противпожарна кула за рана детекција на пожари. Во напредна фаза сме и за реализација на проектот за промена на старото улично осветлување со ново енергетски ефикасно лед осветлување.

Во областа на комуналните работи, а во содејство на општинската администрација и Јавното претпријатие „Камена Река“ започнавме со интензивно чистење на речното корито на Каменичка река и ги саниравме штетите на кејскиот ѕид онаму каде што тоа беше најпотребно.

Започнавме со регулирање на текот на Каменичка река и нејзините притоки со што можностите за нивно излевање се сведени на минимум и е спречено поткопување на мостовите и пропустите на локалните патишта. Исчистени се одводните канали во централното градско подрачје, а регулирани се и неколку свлечишта на локалните патишта.

Започнавме да се грижиме за собирањето и преземањето на електронски отпад заради што е склучен договор со компанијата Елколект.

Ја менувама старата примарна водоводна мрежа со нова. Изведена е фекална канализација во должина од 150 метри во Павлиш дол.

Започнавме постапка за решавање на проблемот со недостиг од вода во летните месеци, а продолживме со приклучување на корисниците на новата водоводна мрежа и поставување на нови водомери.

Исплатени се долгови на Јавното претпријатие во износ од околу 2 милиони денари.

Образованието е наш приоритет и затоа веднаш воведовме мерки кои значително ќе го подобрат образовниот процес. Ја зголемивме финансиската поддршка за исхрана во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ и учениците ќе добиваат поквалитетна храна. Општина Македонска Каменица во целост ги покрива трошоците за превоз на дечињата во Детската градинка „Бамби“, а овозможивме и бесплатен престој за дечињата на самохрани родители.

Во моментов подготвуваме измени на Правилникот за стипендирање на ученици и студенти и стипендиите ќе се доделуваат само врз основ на резултатите на учениците и нивните освоени награди и признанија.

Нашата грижа кон маргинилизираните и кон социјално-ранливите категории на граѓани продолжува. Во партнерство со Рудник „Саса“ доделивме социјални пакети за ранливи категории на граѓани, ги поддржуваме лицата со посебни потреби, доделени се новогодишни пакетчиња за дечињата, а во соработка со Здружението на пензионери доделивме пакети и за стари и изнемоѓтени лица.

Го зголемивме износот кој се доделува за секое новородено дете, и Општината за секое новороденче исплаќа финансиска поддршка од 10.000 денари, а за првото новороденче во секоја година се исплаќаат 20.000 денати.

Наскоро ќе биде отворен и ќе започне со работа и Дневниот центар за лица со посебни потреби во Македонска Каменица.

Продолжува поддршката за сите спортски клубови кои функционираат на подрачјето на Македонска Каменица и зголемените финансиски средства се надеваме дека ќе донесат и подобри резултати и уште позначајни успеси.

Ги поддржуваме институциите , невладините организации и здруженијата на граѓани кои делуваат во областа на културата, туризмот, животната средина.

Ја продолживме и ја продлабочивме соработката со општините Белица и Невестино во Република Бугарија и веќе ги утврдивме проектите со кои, во партнерство со овие општини, ќе аплицираме на Вториот повик на ИПА – Програмата за прекугранична соработка.

Почитувани сограѓани,

Општина Македонска Каменица се движи во вистински правец и ние како одговорна локална власт ќе направиме се за да создадеме подобри услови за живот, за сите каменичани.

Сподели

Остави коментар