Општина Македонска Каменица ги поканува граѓаните да земат активно учество на третата сесија на Проектниот форум, која ќе се одржи на 10 септември 2026 година, со почеток во 13:00 часот, во Спортската сала зад СОУ „Миле Јаневски – Џингар“ во Македонска Каменица.
На третата форумска сесија ќе бидат детално презентирани четири предлог-проекти од областа на локалниот економски развој, произлезени од идеите и концептите за кои се дискутираше на претходната форумска сесија.

Присутните граѓани ќе имаат можност активно да учествуваат во дискусијата и да придонесат во дефинирањето на предлог-проектите што ќе бидат доработени како конечни проектни апликации.
За конечните проектни апликации ќе се гласа на четвртата форумска сесија.
Целта на Проектниот форум е зголемување на учеството на граѓаните во процесот на донесување одлуки на локално ниво и нивно директно вклучување во утврдувањето на локалните приоритети.
За финансирање на приоритетниот проект е обезбеден фонд во вкупен износ од 30.000 американски долари, од кои 15.000 долари се обезбедени преку проектот, а 15.000 долари претставуваат кофинансирање од Општина Македонска Каменица.
Проектниот форум се реализира во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“, финансиран од Владата на Швајцарија и Министерството за локална самоуправа, а кофинансиран и спроведуван од УНДП во соработка со националните и локалните партнери.
Општина Македонска Каменица ги повикува граѓаните да се вклучат во форумскиот процес и со своето учество да придонесат во изборот на приоритетните проекти за локален економски развој.