Одржана втората сесија на Проектниот форум во Македонска Каменица

Во Македонска Каменица се одржа втората сесија на Проектниот форум во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“, на која пред учесниците беа презентирани пет концепт-проекти изработени врз основа на предлозите на граѓаните од првата форумска сесија.

На сесијата беа презентирани следните концепт-проекти:

  1. Музеј на рударство
  2. Уредување на патека на Калиманско Езеро
  3. ЕКО пазар во Македонска Каменица
  4. Изградба на училишен кампус
  5. Реконструкција на водоводна линија во Стара Каменица и село Дулица

По презентацијата на секој од концептите следуваше дискусија, преку која учесниците имаа можност да ги споделат своите мислења, забелешки и предлози.

Петте концепт-проекти произлегуваат од предлозите дадени од граѓаните на првата форумска сесија, посветена на локалниот економски развој.

Форумскиот процес им овозможува на граѓаните директно да учествуваат во креирањето на локалните приоритети и изборот на проекти значајни за Македонска Каменица. Преку отворена дискусија и активно учество, предлозите се разгледуваат и доразработуваат во рамки на форумскиот процес.

За реализација на приоритетниот проект е обезбеден проектен фонд од 30.000 американски долари, во кој Општина Македонска Каменица учествува со 50 проценти од средствата.

Проектот „Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“ е финансиран од Владата на Швајцарија и Министерството за локална самоуправа, а кофинансиран и спроведуван од УНДП во соработка со национални и локални партнери.

Сподели

Остави коментар