Утре ќе се одржи втората сесија на Проектниот форум во Македонска Каменица

Општина Македонска Каменица ги поканува граѓаните утре, 19 август 2026 година, активно да се вклучат во втората сесија на Проектниот форум, која ќе започне во 09:30 часот во Спортската сала зад СОУ „Миле Јаневски – Џингар“.

На сесијата ќе бидат презентирани пет концепт-проекти изработени врз основа на предлозите што граѓаните ги дадоа на првата форумска сесија, посветена на локалниот економски развој.

По презентацијата ќе следува отворена дискусија за содржината, значењето и приоритетноста на предложените концепти. Граѓаните ќе имаат можност директно да учествуваат во процесот и да придонесат во изборот на предлозите што ќе бидат доразработени во предлог-проекти за следната форумска сесија.

За реализација на приоритетниот проект е обезбеден проектен фонд од 30.000 американски долари, во кој Општина Македонска Каменица учествува со 50 проценти од средствата.

Форумскиот процес овозможува директно учество на граѓаните во креирањето на локалните приоритети и во изборот на проекти значајни за Македонска Каменица и нејзините граѓани.

Проектниот форум се реализира во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“, финансиран од Владата на Швајцарија и Министерството за локална самоуправа, а кофинансиран и спроведуван од УНДП во соработка со национални и локални партнери.

Општина Македонска Каменица ги повикува заинтересираните граѓани да присуствуваат и активно да се вклучат во втората форумска сесија.

Сподели

Остави коментар