Препораки и наредби од Штабот за заштита и спасување при општина Македонска Каменица

Денес, 12.05.2019 година, со почеток во 13:00 часот во Кабинетот на градоначалникот на општина Македонска Каменица, на иницијатива на градоначалникот на општината Соња Стаменкова, беше одржан состанок на општинскиот Штаб за заштита и спасување. На состанокот, покрај градоначалничката Стаменкова присуствуваа и претставници од Центарот за управување со кризи, ТППЕ – Македонска Каменица, Министерството за внатрешни работи и ЈП Камена Река од Македонска Каменица.

На состанокот беа дискутирани превентивните мерки и активности во врска со очекуваните обилни врнежи од дожд и евентуално невреме во периодот од 12.05.2019 година до 17.05.2019 година. При тоа беше ставен акцент на мерките и активностите за евакуација на населението во услови на сериозна елементарна непогода и појава на загрозени зони и поплавени подрачја. При тоа од штабот беа донесени следните заклучоци:

1.Да се подготви Соопшение до јавноста и да се информира населението за очекуваните обилни врнежи од дожд. Да се дадат конкретни насоки за отстранување на сите паркирани возила покрај речните корита и патните правци кои треба да бидат користени за евентуален слободен и непречен проток на возилата и механизацијата ангажирани од Кризниот штаб. Се препорачува намалено движење и човечко присуство покрај речните сливови.Соопштението со заклучоците од Кризниот штаб да биде објавено на веб страната на Општината и проследено до медиумите.

2.Итно и неодложно да се побара од сите институции под надлежност на Општината, во текот на денешниот ден најдоцна до 17:00 часот, да достават списоци на ангажирани лица преку соодветните институции, кои ќе бидат во приправност за делување при евентуални поплави и прогласување на загрозени зони.

3.Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и ТППЕ – Македонска Каменица да извршат детална проверка на исправноста на сите материјално технички средства и ресурси со кои располагаат, а во функција на навремено делување и превенирање на терен.

4.Да се направи попис на целокупната градежна механизација со која во моментот располага Општината, а која може да биде ставена на располагање во услови на потреба од ангажирање  при појава на елемнтарни непогоди.

5.ЈП Камена Река да ги мобилизира сите свои расположливи човечки и материјално технички ресурси, и истите да бидат во постојана приправност во периодот кој е детектиран како потенцијално критичен.

6.Да се направи координација со сите фирми кои делуваат на територијата на општина Македонска Каменица, во доменот на определени градежни активности, и истите својата расположлива градежна механизација да ја стават во функција на општината и општинскиот Кризан Штаб, доколку се појави потреба од таков ангажман.

7.Да се задолжат градежните претпријатија во текот на денешниот ден, итно и неодложно да достават потребни количини на песок на критичните локации во градот и селските средини.

8.Да се стапи во контакт со сите фирми кои работат со трговија со опрема од типот на гумени чизми, кабаници, заштитни ракавици, вреќи, рефлектори, батериски лампи и слично и да се направи попис на количините со кои располагаат. Опремата евентуално дополнително ќе биде подигната од страна на Општината доколку се јави потреба од справување со последици од евентуална елементарна непогода.

9.Да се стапи во контакт со ЕВН за нивна приправност и итна и правовремена реакција при евентуална потреба од исклучување на дистрибутивната мрежа со електрична енергија во определени загрозени зони.

10.Да се подготви список на критични патни правци, и истиот да биде доставен до МВР – СВР Делчево – ПС од Македонска Каменица, заради навремено и превентивно затворање на сообраќајот и секаков вид на движење доколку се појави таква потреба.

11.Да се размислува на изнаоѓање на варијанта за правовремено информирање на граѓаните за евентуална појава на загрозени зони и подрачја и нивно превентивно и правовремено евакуирање од истите преку Месните заедници, со испраќање на СМС пораки од страна на самите мобилни оператори и преку директни телефонски повици. 

12.Службите на Брзата медицинска помош, ТППЕ и ЈП Камена Река и здруженијата на граѓани и сите сместувачки капацитети да бидат информирани и превентивно да бидат подготвени за делување во услови на елементарни непогоди.

НАПОМЕНА:   

Се замолуваат сите граѓани на општина Македонска Каменица да ги почитуваат заклучоците и препораките од Кризниот Штаб, особено во делот на обезбедување на слободно движење на возилата кои ќе бидат ангажирани заради превенција или евекуација. При евентуална природна непогода, да се овозможи слободен и непречен проток на возилата и механизацијата ангажирани од Кризниот Штаб. Во случај на поплави, да се намали човечко присуство покрај речните сливови на Каменичка Река и останатите критични места од поројни дотеци . Да се избегнува непотребното излегување во природа и задржување на отворен простор. Доколку се затекнете во домашни услови, да се стационирате во горните катови во семејните куќи.

Доколку се појават определени загрозени зони и поплавени подрачја, граѓаните се молат за смиреност, присебност и помош од стручните екипи со насоки за правовремена евакуација и постапки за својата лична безбедност и сигурност. 

Сите информации за и околу моменталната состојба и потребата од помош може да се побара на бесплатните телефонски броеви 192 и  193.

ОПШТИНА МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА

 

          

                                                                                   

Сподели

Остави коментар