Донација на Рудник САСА за потребите на општина Македонска Каменица

Македонска Каменица, 28.08.2018 – Во рамки на активностите за одбележување на 28. Август – Денот на рударите, Рудник за олово и цинк САСА од Македонска Каменица, обезбеди финансиска поддршка во реализацијата на две приоритетни потреби на локалната заедница.
Конкретно, Рудник САСА обезбеди финансии за набавка на специјално возило за потребите на општинското јавно претпријатие „Камена река“, како и музички инстумент – пијано за Културно информативниот центар „Романса“ во Македонска Каменица.

„Овие две донации се само еден дел од вкупната поддршка што континуирано ја обезбедува Рудник САСА за потребите на заедницата. Среќни сме што и на ваков начин можеме да го споделиме нашиот успех со заедницата на која и припаѓаме. Истовремено сакам да упатам порака дека имаме искрена намера да продолжиме со ваквата поддршка и во иднина“, изјави Ник Ширли, директор за општествена одговорност во Централ Азија Металс, компанијата која од ноември минатата година е нов сопственик на Рудник САСА.
„Задоволни сме што рудникот САСА ја продолжува традицијата да обезбедува донација со која се одбележува Денот на рударите, кој воедно е и празник на нашиот град. Со тоа компанијата на најдобар начин одново покажува дека е свесна за значајната улога што ја има за развојот на целата наша заедница и за унапредување на квалитетот на живеењето на сите нејзини граѓани“, изјави градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова, при примопредавањето на донацијата.


За директорот на јавното претпријатие „Камена река“, Влатко Андоновски новото специјално возило значајно ќе ја олесни работата и ќе ја зголеми ефикасноста на претпријатијето во остварување на неговите задачи за одржување функционален и чист град и околина во текот на целата година. Донираниот музички инструмент пак, според директорот на КИЦ, Горан Огненовски, меѓу останатото ќе се користи и во образовниот процес, за едукација и вежби на учениците од основното училиште во градот.
Возилото и музичкиот инструмент кои се набавени со средства од Рудник САСА беа предложени како приоритетни од страна на претставниците на општината, на првиот партнерски состанок што на почетокот на оваа годината се одржа на иницијатива на САСА, а на кој присуствуваа и претставници на локалните граѓански организации.


Инаку, во рамки на поддршката за заедницата, Рудник САСА и оваа година е главен спонзор и партнер на „Каменичкото културно лето“ кое ги обединува сите активности за одбележување на 28. Август – Денот на рударите и Денот на општината Македонска Каменица.

Сподели

Остави коментар