Во текот на утринските часови во Македонска Каменица беше извршена дератизација на градската канализациска мрежа и градската депонија, како дел од редовните превентивни мерки за заштита на населението од заразни заболувања.
Дератизацијата ја спроведоа стручни екипи од ДООЕЛ „ТОКСИ-ВЕТ“ од Скопје, во соработка со претставници на ЈП „Камена Река“.

Во рамки на акцијата беа третирани повеќе од 150 канализациски шахти, како и просторот на градската депонија. За третманот беа употребени околу 40 килограми средство „Бродисан“, наменето за контрола и намалување на популацијата на глувци и други глодари кои можат да бидат преносители на заразни заболувања.
Мерката се спроведува согласно Програмата за заштита на населението од заразни и други заболувања и редовно се реализира на територијата на Македонска Каменица, најмалку еднаш годишно.
Главната цел на дератизацијата е намалување на популацијата на глодари и ризикот од ширење заразни заболувања, како и спречување на штети што тие можат да ги предизвикаат на водоводни, телекомуникациски и други инсталации, како и во домовите и останатите објекти.