Општина Македонска Каменица ги повикува граѓаните да учествуваат на четвртата и завршна сесија на Проектниот форум, која ќе се одржи утре, 1 октомври 2026 година, со почеток во 13:00 часот, во Спортската сала на СОУ „Миле Јаневски – Џингар“.
По три форумски сесии и активно учество на граѓаните во дефинирањето на идеите и локалните потреби, форумскиот процес стигнува до завршниот чекор – изборот на проектот или проектите што ќе бидат финансирани од грант-фондот од 30.000 американски долари.
Во финалната фаза се три предлог-проекти:
- Музеј на рударство
- ЕКО пазар во Македонска Каменица
- Изградба на училишен кампус
Дневен ред на четвртата форумска сесија
Сесијата ќе започне во 13:00 часот со добредојде, преглед на активностите од претходната сесија и претставување на целите и дневниот ред.
Во продолжение е предвидено претставување на начинот на гласање и регулирањето на правото на глас, евиденција на присуството и оценка на форумот во заедницата од страна на учесниците.

Свои обраќања ќе имаат и претставници на работните групи, по што ќе следува потсетување на критериумите за избор на проекти.
Клучниот дел од завршната сесија е одлучувањето за проектите преку бодување.
По гласањето се предвидени обраќања на претставници од Општината и донаторот, препораки од Форумот до Општината и утврдување на следните чекори, по што ќе следува затворање на форумската сесија.
Форумот се реализира во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“, преку компонентата за мали грантови за поддршка на приоритетни мерки избрани од заедницата.
Настанот го организира Општина Македонска Каменица во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а е финансиран од Швајцарската влада, Министерството за локална самоуправа и УНДП.
Ги повикуваме граѓаните да присуствуваат и активно да учествуваат во завршната сесија на Проектниот форум.