Врачена првата проектна документација во рамки на проектот „Енергетско ефикасни домови во Македонска Каменица“

Претставници на Хабитат Македонија ја врачија првата проектна документација за реконструкција на фасадата на станбената зграда на ул. „Каменичка“ бр. 18 во Македонска Каменица.

Изработката на проектната документација е дел од проектот „Енергетско ефикасни домови во Македонска Каменица“, во чии рамки се изработува проектна документација за уште пет станбени згради во општината.

Веќе од наредната недела, станарите на ул. „Каменичка“ бр. 18 ќе започнат постапка за прибирање понуди за поставување нова енергетски ефикасна фасада, за што Општина Македонска Каменица обезбеди финансиска поддршка во износ од 1.000.000 денари.

Со врачувањето на првата проектна документација се создаваат услови за преминување кон практична реализација на проектот, чија цел е подобрување на енергетската ефикасност на станбените згради, намалување на трошоците за енергија и подобрување на условите за живеење.

Во текот на првите три месеци од 2027 година, Општина Македонска Каменица ќе распише нов јавен повик за субвенционирање на поставувањето енергетски ефикасни фасади и реконструкцијата на покривите на станбените згради за колективно домување.

Општина Македонска Каменица ги повикува и останатите станари во зградите за колективно домување навреме да формираат заедници на сопственици и да се подготват за претстојниот јавен повик.

Сподели

Остави коментар