Општина Македонска Каменица распиша конкурс за доделување 30 стипендии на талентирани ученици во основното и средното образование и на талентирани студенти запишани на државните универзитети за учебната 2026/2027 година.
Во рамки на континуираната поддршка на младите и нивното образование, Општина Македонска Каменица годинава го зголеми бројот на стипендии од 20 на 30, а месечниот износ на стипендијата од 3.000 на 5.000 денари.
Стипендиите ќе се исплатуваат во период од десет месеци, со што секој стипендист ќе добие вкупно 50.000 денари, а вкупната финансиска поддршка за оваа намена ќе изнесува 1.500.000 денари.
Право на аплицирање имаат:
- Редовни ученици во осмо и деветто одделение од основното образование;
- Редовни ученици во втора, трета и четврта година од средното образование;
- Редовни студенти запишани на државните универзитети, почнувајќи од втора студиска година.
Кандидатите треба да бидат жители на Општина Македонска Каменица и да не бидат корисници на стипендија или друга финансиска поддршка од други институции или компании.

Изборот на стипендистите ќе се врши согласно утврдените критериуми за постигнат успех, освоени награди на натпревари и олимпијади, учество во воннаставни активности, објавени трудови и останатите критериуми предвидени во конкурсот.
Начин и рок за пријавување
Конкурсот трае 15 дена од денот на објавувањето на официјалната веб-страница на Општина Македонска Каменица.
Пријавите со потребната документација се доставуваат до Архивата на Општина Македонска Каменица или по пошта на адреса: ул. „Каменичка“ бр. 2, Македонска Каменица.
Ненавремените и некомплетните документи нема да бидат разгледувани.
Со зголемувањето на бројот и висината на стипендиите, Општина Македонска Каменица ја унапредува досегашната поддршка на талентираните ученици и студенти, создавајќи подобри услови за нивниот образовен и професионален развој.
Ги повикуваме сите ученици и студенти кои ги исполнуваат условите да аплицираат на конкурсот.
Целосниот конкурс, критериумите за бодирање и потребната документација се достапни во приложениот документ.
ПРИЛОГ: Конкурс за доделување стипендии за учебната 2026/2027 година (PDF)