Етички кодекс за политика на интегритет и антикорупциска политика за Општинската администрација на општина Македонска Каменица

Врз основа на член 4, 8, 9, 11 и 12 од Законот за вработените во јавниот сектор (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр 27/14,199/14, 27/16, 35/18, 198/18 и 143/19), Градоначалникот на Општина Македонска Каменица изготви:

 

ЕТИЧКИ КОДЕКС ЗА ПОЛИТИКА НА ИНТЕГРИТЕТ И АНТИКОРУПЦИСКА ПОЛИТИКА ЗА

ОПШТИНСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА НА ОПШТИНА МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА

 

 

  • Општина Македонска Каменица не толерира коруптивно однесување односно искористување на функцијата, јавно овластување, службена должност и положба за остварување каква било корист за вработениот или за друг. Исто така Општина Македонска Каменица не толерира каква било друга форма на неетичко и неморално однесување забрането со закон и спротивно на етичките норми на однесување.
  • Градоначалникот и раководните структури на општина Македонска Каменица се одговорни за проценка и отстранување на ризиците за корупција, проневера, крадење, поткуп, судир на интереси, користење на влијанија со цел добивање повластен третман или за било каква друга форма на незаконско и неетичко однесување.
  • Вработените во општинската администрација се должни да се однесуваат совесно, професионално и одговорно и да ги почитуваат пропишаните процедури и рокови за постапување, да бидат лојални на својата организација, да избегнуваат судир на интереси и да се грижат за нејзиниот углед во јавноста, без разлика дали се наоѓаат на работното место или не.
  • Вработените се должни да пријават какво било однесување за кое постои сомнеж за корупција или друго недозволено, незаконито и неетичко однесување, на начин пропишан во процедурите за пријавување и постапување со поднесените пријави.
  • Вработените на кои им е понуден поткуп или се поттикнувани на незаконски или неетички дејствија треба да го прекинат процесот на комуникација со лицето и за тоа да го известат овластеното лице за пријавување на корупција во општината, појаснувајќи ги деталите за време, место, соговорници и предмет на разговорот.
  • Пријавувањето на коруптивно, недозволено, незаконито и неетичко однесување на лица кои што се вработени во општината, е должност на секој вработен. Тоа не е лично прашање, ниту право на избор, туку е дел од службената должност и одговорност. Доколку вработениот не постапи согласно пропишаната процедура, против него ќе биде покрената соодветна постапка.
  • Вработените кои биле сведоци или имаат основни сомневања за неетичко или незаконско однесување на вработени во општината, мораат во писмена форма, телефонски или преку електронска пошта да го информираат овластеното лице за пријавување на корупција во општината.
  • На вработениот што пријавува коруптивно, недозволено, незаконито, неетичко однесување му се гарантира доверливост. Пријавителот има право на заштита од последици од извршеното пријавување.
  • Вработениот што ќе постапи со цел искористување на службената должност и положба, ќе се гони согласно Кривичниот Законик.
  • Однесувањето на вработениот спротивно Етичкиот кодекс, повлекува дисциплинска одговорност.
  • Ништо што е содржано во оваа антикорупциска политика не го ограничува вработениот во поглед на пријавување до надлежните органи на секое сомневање или постоење на докази за незаконско или противправно работење во службата.
  • Вработениот кој пријавил сомневање или докази за незаконско или противправно работење, врз реална и разумна основа, како и со чесни намери , не може да биде повикан на одговорност за извршеното пријавување.
  • За злонамерно или лажно пријавување или давање лажен исказ ќе бидат преземени законски утврдени мерки за одговорност.

 

Број 09-2012/1                                                                                              Градоначалник

02.12.2019                                                                                                       Соња Стаменкова

Сподели

Остави коментар