Интензивно се чистат локалните пристапни патишта во селските средини во Македонска Каменица

Во тек е редовно чистење и целосно ставање во функција на локалните патишта во селските средини на општина Македонска Каменица. Изминатиов период заради временските неприлики поголем број од локалните патишта, според потребите пред се на жителите во селските средини од разбиен тип, се прочистуваат и во повеќе наврати. Вкупната должина на исчистени земјени локални патишта во селските средини изнесува над 160 километри.

Планираните активности во маало Ристовци, Сарафско маало, Аризанци, Мечкаре и Мршавелци во село Саса, денес се завршени и прочистувањето на локалните патишта продолжува во село Цера и тоа до маало Станчовци и маало  Стамболии. Изминатата недела завршено е со прочистување на селските пристапни патишта во селата Тодоровци, Луковица и Косевица, како и во делот на Стара Каменица и Грчко маало.

Општина Македонска Каменица ги известува жителите од селските средини дека активностите околу чистење и одржување на селските пристапни патишта, како редовна пракса ќе продолжи и во следниот период. Оваа година изведувач на активностите за прочистување на патиштата е ЈП Камена Река – Македонска Каменица. За разлика од минатите години, оваа година на критичните ерозивни места се поставуваат одводни цевки, кои значително треба да го намалат оштетувањето на локалните пристапни патишта во селските средини.

Заради специфичниот, пред се ридско-планински релјеф на општина Македонска Каменица и селски средини од разбиен тип, потребата од вакви интервентни активности на терен е постојана. Општина Македонска Каменица во рамки на своите овластувања и ЈП Камена Река како изведувач на работите, остануваат во служба на жителите од Општината и секој пријавен проблем и потреба поврзани со патната инфраструктура, според можностите ќе бидат навремено решени.

Сподели

Остави коментар