Македонска Каменица ја одбележа „Европската недела на мобилност 2019“

 

Со низа активности и содржини посветени на алтернативното и одржливо движење општина Македонска Каменица ја одбележа „Европската недела на мобилност 2019“.

Со почеток во 10:30 часот, под мотото „Ден без автомобили“, дечињата во детската градинка „Бамби“, учениците при ООУ „Св. Кирил и Методиј“ и СОУ „Миле Јаневски Џингар“, како и штитениците при Дневниот центар за лица со посебни потреби земаа учество во програмата со многубројни активности поврзани со одржливата мобилност. Со ова, Македонска Каменица во соработка со ЕД „Здравец 2002“ се вброи во европските градови од каде се испрати силна порака за користење на алтернативни видови на транспорт.

„Мене ми е особено драго што општина Македонска Каменица е еден од европските градови во кои се одбележува Европската недела на мобилност. Ме радува што најмладите, дечињата од детската градинка Бамби и учениците од нашите училишта преку учеството во денешната велотура упатуваат силна порака до возрасните за користење на алтернативни начини на движење во урбана средина. Ние како Општина, постојано ги подржуваме ваквите настани и сите иницијативи, со кои допринесуваме за развојот на свеста кај учесниците во сообраќајот и поттикнуваме користење на превозни средства со кои дополнително ќе ја заштитиме нашата животна околина“, – изјави градоначалничката на општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова.

Патеката на движење на велотурата од дечиња и ученици, започна од паркинг просторот кај ООУ „Св. Кирил и Методиј“ по главната улица Александар Македонки, Самоилова, Осоговска, па до улица Кејска и Градскиот плоштад во Македонска Каменица. Дечињата од детската градинка „Бамби“, со своето учество во одбележувањето на Европската недела на мобилноста преку испишани транспарент – пораки, ќе се обидат на возрасните да им ги покажат предностите од алтернативните начини на движење во урбаната средина.

Европската недела на мобилноста трае од 16 до 22 септември. Оваа година, ќе биде одбележана во над 2.500 градови од Европа и од светот. Со организација на вакви и слични настани најмладите од Македонска Каменица испратија силна порака за користење на алтернативните видови транспорт и за комбинирање на одржливите начини на превоз до саканата дестинација.

Линк до целсната фотогалерија од настанот тука.

Сподели

Остави коментар