Одбележан Денот на пожарникарството

Македонска Каменица, 20. Мај 2019 година – По повод Денот на пожаниркарите, припадниците на ТППЕ Македонска Каменица во дворот од каменичката детска градинка „Бамби“ изведоа показно-тактичка вежба за интервенирање при извршување на операции во случај на пожар и симулирано извекување на повредени лица при непогоди и несреќи од ваков вид. Акцијата пред вработените во установата и дечињата при „Бамби“ беше изведена со две противпожарни возила, од страна на шест професионални пожарникари, во присуство на екипа за Итна помош од Здравствениот дом во Македонска Каменица и припадници на полицијата.

Командирот на ТППЕ Македонска Каменица Малин Трајчевски даде известување за текот и начинот на реализација на акцијата до градоначалничката на општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова и Снежана Златановска, директорка на ЈОУДГ „Бамби“ – Македонска Каменица, како раководно лице на установата каде што беше изведена вежбата. Исто така, командирот на единицата Малин Трајчевски во своето кратко обраќање до присутните им го честиташе празникот на сите пожарникари при ТППЕ Македонска Каменица и на колегите пожарникари во републиката, упатувајќи поздрав до сите присутните на настанот и до жителите на Општината.

На тактичко-показната вежба беше присутна и градоначалничката на општината, Соња Стаменкова која го искористи своето присуство на сите вработени во ТППЕ – Македонска Каменица да им го честита празникот и да им посака уште многу професионални успеси, пренесувајќи им порака дека Локалната самоуправа и во иднина ќе работи во интерес на сите, за подобрување на капацитетите и условите за работа на единицата.

На настанот, покрај дечињата и вработените во ЈОУДГ „Бамби“, исто така присуствуваа и ја следеа изведбата на вежбата и штитениците и вработените во Дневниот центар за лица со посебни потреби во Македонска Каменица.

 

Сподели

Остави коментар